Полска е против стратешка автономија на ЕУ од САД, ќе турка кон уште посилно партнерство

Полскиот премиер Матеуш Моравјецки е против идејата Европската унија да развива стратешка автономија од САД и наместо тоа се залага за градење уште посилно стратешко партнерство. Тој „предупреди“ дека некои западни лидери сè уште сонуваат за „ризична соработка со сите, вклучувајќи ја и Русија и некои сили на Далечниот Исток“.

„Ние предупредуваме на тоа. Сакаме да живееме во мир со сите, тоа е јасно. Но, наместо да развиваме стратешка автономија од САД, предлагам да градиме стратешко партнерство со САД. Кога за помалку од две години Полска ќе стане претседавач со Трансатлантското партнерство на ЕУ, сојузот на ЕУ со САД ќе го поставиме како најважна точка на тоа претседателство“, изјави денеска Моравјецки пред да замине во посета на Вашингтон.

Како што рече тој, стратешкиот сојуз со САД за Полска е „апсолутна основа на нејзината безбедност“.

„За време на мојата посета на САД имам намера да потврдам и договорам договори за оружје кои се основата на нашата безбедност во иднина. Целта на посетата е и зајакнување на полско-американските економски врски. Американците тука инвестираа 25 милијарди долари, стотици илјади работни места, а сакам да создаваме уште десетици илјади работни места преку развојот на нашата соработка во областа на нуклеарната енергија“, рече Моравјецки.

Прочитајте и:  Рускиот напад со интерконтинентална ракета ги подигна полските борбени авиони

Една од главните точки на дневниот ред на разговорите со американската потпретседателка Камала Харис е помошта за Украина.

„Да го замислиме несреќното сценарио Украина да биде поразена. Не дај Боже, но ако се случи такво нешто, економскиот развој на Полска сигурно ќе биде многу засегнат, ќе го имаме следниот бран на миграција, многу помалку западни инвеститори. Затоа во наш интерес е да го зајакнеме сојузот со САД и Западна Европа да ѝ помогнеме на Украина. Тоа е една од целите на мојата посета на САД, да побарам помош за Украина за Полска да биде безбедна“, рече Моравјецки.

Идејата за потребата од „стратешка автономија“ на Европа од САД деновиве ја актуелизираше францускиот претседател Емануел Макрон. По неодамнешната посета на Кина, а во врска со тензиите околу Тајван, Макрон предупреди дека Европа е во голем ризик да биде вовлечена во кризи кои не се нејзини, што, како што рече, би ја оневозможило да развива своја стратешка автономија.

Извор: МИА

- Реклама -