Полска и Чешка се борат со ужасни поплави, во дел од Австрија прогласена природна катастрофа

Едно лице загина во поплавите во јужниот дел на Полска, а во надојдената вода во источна и северна Чешка четири лица се водат како исчезнати. Илјадници луѓе во Полска и во Чешка се евакуирани поради поплавите предизвикани од циклонот Борис.

Првата жртва е потврдена, овде во областа Клод. Таму се евакуирани 1.600 луѓе, очекуваме дека ќе има уште многу евакуации. Во басенот Клод ситуацијата е најдраматична, изјави полскиот премиер Доналд Туск, кој од почетокот на поплавите ги посетува погодените подрачја.

Во Шлезија и Малополското војводство на југозапад и југ од Полска, во областа на границата со Чешка, планинските потоци и реки поради обилните врнежи се претворија во порои, а на некои места водата е веќе над насипите, додека вештачките езера во хидроцентралите се исто така полни.
Во градот Глухолази на границата со Чешка, каде почнаа поплавите и каде што водата ги проби заштитните насипи, градоначалникот Павел Шимкович утрово со драматична порака „Тонеме“ упати апел до сите да се евакуираат на повисоките места.
Полските пожарникари вчера со помош на армијата и територијалната одбрана 6.400 пати излегоа на терен за зајакнување на насипите, отстранување на паднатите дрвја и гранки кои го отежнуваат железничкиот сообраќај, кој е во прекин на 40 пруги. Додека од полноќ до утрово пожарникарите имале 2.300 интервенции.
Поради силниот ветер и поплавите голем број граѓани останаа без струја, а на места недостапен е и сигналот од мобилната телефонија.
Австриските служби за итна помош трагаат по еден маж што се води како  исчезнат во лавина. Снегот на планините во западниот дел на Австрија  го отежнува сообраќајот на повеќе патишта.
На некои места во Тирол снежната покривка изнесува и до еден метар, што е исклучителна ситуација во средината на септември, а минатата недела беа забележани температури над 30 степени Целзиусови.
Додека во јужна Австрија ветерот достигна брзина до 146 километри на час, а во северниот дел наврна 170 литри дожд на метар квадратен.
Пожарникарите во Виена во изминатите 24 часа интервенирале околу 150 пати во чистење на одводните канали и испумпување на вода.
Поради невремето од безбедносни причини е затворено најпосетуваното место во Австрија – Паркот Шенбрун.
Австрискиот канцелар Карл Нехамер изјави дека „врвот сè уште не е достигнат“, а дел од североисточниот дел на земјата е класифициран како зона на природна катастрофа.

Извор