Полскиот Апелационен суд му забрани на ПРЕМИЕРОТ да шири лаги за опозицијата

Апелациониот суд во Краков му забрани на полскиот премиер Матеуш Моравјецки да шири невистини за опозицијата. Освен тоа, му нареди и да ѝ се извини на опозицијата, и тоа во три дневни весници, на две телевизии, и на Фејсбук профилот на владејачката партија „Право и Правда“. Спорната изјава за која Моравјецки мораше да извини беше неговото тврдење дека додека била осум години на власт, актуелната опозиција ништо не преземала за да го подобри квалитетот на воздухот, со кој Полјаците, исто како и ние, имаат огромен проблем.

Па така, денес утрово, во три полски дневни весници осамна вакво извинување:

„Невистинити се моите информации од 14 октомври 2018-та, на состанокот на изборниот комитет на Право и Правда во Краков, дека градоначалникот на Краков – Јарек Мајхровски, не направил ништо за да го подобри квалитетот на воздухот во Краков“.

Извинувањето ќе оди и на полската државна телевизија TVP.info, и приватната Polsat, непосредно пред централниот дневник.

Окружниот суд во Краков првично ја одби тужбата на градоначалникот против премиерот во итната постапка за повреда на законот во текот на предизборната кампања пред првиот круг на регионалните и локалните избори на 21 октомври, со образложение дека се работело за субјективна оценка на премиерот.

Прочитајте и:  Рускиот напад со интерконтинентална ракета ги подигна полските борбени авиони

Но Апелациониот суд во Краков вчера ја преиначи одлуката, со образложение дека изнесените обвинувања на премиерот  против локалните власти можат сосема конкретно да се проверат, а градоначалникот поднел докази за сето она што градските власти го преземале од 2008 до доаѓањето на власт на конзервативците во 2015-та, во форма на мерки за почист воздух.

Во пресудата, Апелациониот суд му забрани на Моравјецки и во иднина да шири невистини за тоа дека градоначалникот на Краков не презема ништо во борбата против смогот.

Инаку, ова му е втор пат на Моравјецки да мора да се извинува по пресуда на судот, повторно околу лаги за опозицијата. Кон крајот на септември, по одлуката на судот во Варшава, пред главните дневници на две полски телевизии, премиерот призна дека лажел во текот на предизборната кампања, кога изјавил дека за време на владеењето на Граѓанска платформа и Полската народна партија немало патишта, а дека сегашната влада, неговата, издвојува за изградба на локални сообраќајници повеќе отколку претходната власт во сите осум години владеење.

- Реклама -