Полските земјоделци продолжија со блокадите на границата со Украина

Полските земјоделци денеска го блокираа преминот Медика на границата со Украина, продолжувајќи го протестот со цел да се обезбедат владини субвенции за пченка и да се спречи зголемување на даноците, јави приватната телевизија Полсат њуз.

Земјоделците, кои бараат писмен договор со владата, на 24 декември го откажаа протестот на преминот во југоисточна Полска откако имаа средба со министерот за земјоделство Чеслав Сиекерски.

Лидерот на протестот Роман Кондров, како што пренесува Полсат њуз, изјави дека земјоделците се задоволни од разговорите со министерот и локалниот гувернер, но сакаат формален договор, пренесуваат британските медиуми.

Кондров вчера изјави дека иако Сиекерски доставил документ во кој се наведува дека барањата на земјоделците ќе бидат исполнети, премиерот не дал потпишана изјава.

Прочитајте и:  Тимот на Трамп со остри критики за одлуката на Бајден: „Ова е како нова војна, сите претходни калкулации сега се ништовни“

-Сакаме да потпишеме билатерален договор, рече Кондров на денешната прес-конференција. „Доколку се направи такво нешто, протестот ќе биде прекинат додека се спроведуваат барањата“, додаде тој.

Границата со Украина е блокирана и од полски камионџии од 6 ноември. Тие бараат Европската унија повторно да воспостави реципрочен систем кој бара од украинските компании да добијат дозволи за работа во ЕУ.

Полскиот премиер Доналд Туск во декември изјави дека верува оти Варшава е блиску до прекин на протестите на камионџиите.

МИА

- Реклама -