Помилуваниот Акиф Равманоски, кој јавно и се заблагодари на Сиљановска-Давкова, уапсен веднаш по излегувањето од „Идризово“

Само што стапнал на слобода, помилуваниот од претседателката Сиљановска-Давкова за казната за оружје, Акиф Равманоски – припадник на нарко кланот „Барон“, денеска повторно заврши со лисици на раце.

Се работи за пукањето од пред 10 дена во скопски Чаир, кога застрела роднина на припадник на нарко клан од Грчец.

„Вештачењата за присуство на барутни честички кои беа извршени по наредба на јавниот обвинител ги потврдија првичните сознанија дека сега осомничениот со огнено оружје – пиштол испукал неколку истрели во правец на оштетениот со умисла да го лиши од живот и му нанел прострелна рана во пределот на ногата“, соопшти денеска Јавното обвинителство, потврдувајќи дека Акиф бил лишен од слобода непосредно по излегувањето од КПУ „Идризово“ бидејќи за него е поведена истрага за ново кривично дело – Убиство од член 123 во врска со член 19 (во обид) од Кривичниот законик.

Веднаш по пристигнување на вештиот наод, денеска е донесена Наредба за истрага на осомничениот, а до судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје ќе биде доставен предлог за определување мерка притвор, информираа од Обвинителството, посочувајќи дека за истиот настан, по поднесена кривична пријава од Министерството за внатрешни работи, против три лица Основното јавно обвинителство Скопје повело постапка за кривично дело – Учество во тепачка од член 132 став 1 од Кривичниот законик.

Прочитајте и:  СДСМ: Апсењето на Равманоски е обид на власта да го покрие скандалот со помилувањата!

За апсењето на Акиф, кој и јавно, преку социјалните мрежи, и се заблагодари на претседателката Сиљановска-Давкова, информираше и МВР:

„Во Скопје денеска полициски службеници од СВР Скопје, го лишиле од слобода А.Р. (29) од село Арачиново во врска со кривично правен настан случен на 14.10.2024 на територија на Чаир, каде што од огнено оружје бил повреден Е.А. (35) од Скопје“

По преземени мерки и активности и изготвените вештачења од страна на Одделот за форензички испитувања при МВР, утврдено е дека сторител е А.Р. и од страна на Единицата за насилен криминал при СВР Скопје во координација со ОЈО Скопје денеска (24.10.2024) поднесена е кривична пријава по брза постапка против А.Р. за кривично дело „убиство”, предвидено и казниво по член 123 во врска со член 19 од КЗ на РСМ“, се вели во соопштението.

- Реклама -