Поради реакциите на Софија, Османи ќе предложи Законот за здруженија да биде испратен на оценување во Венецијанската комисија

Шефот на дипломатијата Бујар Османи денеска во Софија, одговарајќи на новинарски прашања по заедничката прес-конференција со неговиот бугарски колега Николај Милков, соопшти дека ќе ѝ препорача на Владата да го испрати неодамна усвоениот Закон за здруженија и фондации во Венецијанската комисија, со цел таа да утврди дали навистина во него има нешто спорно, како што тврди Софија.

Османи посочи дека Законот, кој минатата недела беше усвоен во Собранието, имал за цел да се одговори на моментот и се спречи, како што рече, евентуално саботирање на заедниците од страна на други чинители.

„Поради тоа што се оспорени одредени прашања во самиот Закон, јас ќе предложам Владата да го прати во Венецијанската комисија, за таа да каже точно дали има нешто спорно во тој закон“, соопшти Османи.

Министерот за надворешни работи потенцираше дека институциите и двете МНР-а треба да ја предводат соработката меѓу двете земји и дека не смее да се дозволи некој друг да ја води надворешната политика и во неа да наложува друг дневен ред.

Културно-информативните центри во Скопје и Софија, подвлече Османи, се вистинскиот начин на културна и општествена промоција и начинот на кој двете држави треба да комуницираат, да разменуваат култура и сето тоа да се прави во духот на добрососедството и пријателството.

„Ова особено го сметам за важно, бидејќи изминатиот период се злоупотребуваат теми, преку манипулации на чувствата на граѓаните се креираат непријатни настани, а крајната цел е да се киднапираат активностите на двете земји за унапредување на добрососедските односи. Тоа не е интерес ниту на Северна Македонија, ниту на Република Бугарија. Сакам да верувам дека заедно со Милков ќе сториме сѐ за да не дозволиме други да ни ја водат надворешната политика, други да ни ги кројат
билатералните односи, туку ние двајца, со дипломатите од министерствата, да ја градиме европска иднина за сите наши граѓани“, изјави Османи, додавајќи дека двете земји се актуелни сојуници во НАТО, идни партнери во ЕУ и добри соседи.

Прочитајте и:  Николоски: Ако сработиме добро со Франција, дипломатски тешкаш за едно попладне во Софија би го решил проблемот

На прашањето дали ќе биде отворен македонски културен клуб во Благоевград, Османи повтори дека институциите и министерствата за надворешни работи треба да ја навигираат билатералната соработка и дека културно-информативните центри во Скопје и Софија се начините на кои треба да се зајакнува соработката меѓу двете земји. Тој додаде дека сепак граѓаните имаат право на здружување по секоја основа, но тоа мора да биде во духот на пријателството, соработката и добрососедството.

На прашањето за идентитетот, Османи рече дека тоа е најчувствителната тема во земјава.

„Тоа е чувството дека некој ја предизвикува посебноста, идентитетот, го предизвикува јазикот. Доколку успееме ова да го тргнеме од дискурсот со Бугарија… а не можете да негирате дека доаѓаат такви пораки од различни чинители од Република Бугарија и по однос на територијални претензии, на кои ние реагираме, и во однос на идентитетот… доколку успееме ова да го тргнеме на страна, граѓаните во Северна Македонија, Македонците да почувствуваат пријателство и топлина од страна на Република Бугарија во однос на овие прашања, верувајте дека ќе се отворат сите можности, целиот можен простор за соработка, за развој на работата на Историската комисија, во однос на имплементација на Договорот за соработка“, рече Османи.

Извор: МИА

- Реклама -