Дејан Котуровиќ, поранешниот српски кошаркар, дел од НБА лигата, повеќе од две недели се наоѓа во затворот во Гевгелија откако поради фалсификување исправа е уапсен на граничниот премин „Богородица“.
Четириесет и едногодишниот кошаркар, кој во својата кариера има настапувано и за НБА-лигашите, Бостон Селтик и Феникс Санс, пред 17 дена се обидел да влезе во земјава со украден автомобил. Полицајците утврдиле дека возилото „Хонда“ со бугарски регистарски ознаки, што ја управувал била украдена, а бројот на шасијата бил преправен. Проверките со Интерпол покажале дека автомобилот бил пријавен за украден во Бугарија. На Србинот му е одреден притвор, па завршувањето на постапката ќе ја чека во гевгелискиот затвор.
Како се случило поранешниот репрезентативец на СР Југославија, кој во својата кариера има заработено еден куп пари, да заврши со украден автомобил – засега е непознато. Пред неколку години, српските медиуми пишуваа дека додека живеел во САД, Котуровиќ станал жртва на негов сонародник – измамник, кој претставувајќи се како успешен банкар, успеал да му земе половина милион долари, лажејќи го дека инвестицијата набргу ќе му се исплати.
/Утрински весник