Во говор на церемонија во реновираната зграда на австрискиот Парламент, поранешниот претседател на германскиот Бундестаг, Волфганг Шојбле, предупреди на опасноста од колапс на демократијата.
Главните столбови на демократијата се под закана, особено од интернетот и социјалните медиуми, рече Шојбле, пренесува ДПА.
Таканаречената „економија на внимание“, контролирана од алгоритми, го нарушува начинот на кој луѓето зборуваат, што го отежнува наоѓањето заеднички јазик, посочи тој.
„Речиси сите сега кажуваат речиси сѐ на интернет. И, се чини, по можност во договор еден со друг, еден покрај друг или еден против друг. Општеството ја губи навиката да комуницира за важни теми. Но, токму од тоа зависи демократијата“, нагласи конзервативниот политичар.
„Ни треба култура на слушање“, истакна 80-годишниот пратеник во Бундестагот. Дополнително, граѓаните треба да се чувствуваат подобро претставени и да чувствуваат дека се дел од демократскиот процес, смета тој.
„Не секој што ги доведува во прашање мерките за пандемијата е теоретичар на заговор. Не секој што е загрижен за прифаќање бегалци е нехуман ксенофоб. И не секој што се сомнева во климатските цели на Европа е таканаречен негатор на климата“, заклучи Шојбле.
Извор: МИА