Поретко зад волан, почесто пеш и со велосипед: Ден без автомобили во Гостивар!

Гостивар се приклучи во одбележувањето на Европската недела на мобилност. Утрово, локалната самоуправа организираше „Ден без автомобили“ преку кој беше испратена порака до граѓаните, кога не е неопходно да не користат автомобили, туку да се движат пеш или со велосипеди.

Во настанот учествуваа ученици од гостиварските училишта, кои беа поделени во две групи. Симболично, едната група испешачи низ централното градско подрачје, додека другата возеше велосипеди низ градските улици.

Заедно со групата која се движеше пеш, беше и в.д. градоначалникот на Гостивар, Ваљбон Лимани.
„Светскиот ден без автомобили го одбележуваме секоја година. Сакаме да испратиме порака до нашите граѓани што помалку да ги користат автомобилите и што повеќе да пешачат, или да возат велосипеди. Тоа, не само што позитивно влијае врз нивното здравје, туку така даваат придонес и да се намали загадувањето во нашиот град.“, изјави Лимани.
За безбедно да возат велосипеди, рекреативно или за превоз, на граѓаните им се потребни соодветни велосипедски патеки.
„Долгорочно како стратегија планираме да ги зголемиме велосипедските патеки во нашиот град, се надевам дека после неколку години Гостивар ќе има повеќе километри патеки, кадешто граѓаните ќе може да се движат со велосипеди“, рече првиот човек на Гостивар.

Покрај учениците, во денешното одбележување се вклучија и членови на планинарското здружението „Шари“, велосипедисти на здружението ЛСШ и волонтери на Црвениот крст. Полициски службеници пак на учесниците им поделија летоци со едукативна содржина за движење со велосипед.

Извор