Во блиска иднина Porsche може да понуди целосно електрична верзија на компактниот SUV – Macan, како и да ја збогати гамата на култниот 911 со хибридна верзија.
Оваа нова насока е диктирана од промената на курсот на VW Group, со кој автомобилскиот гигант се обидува да го остави зад себе Дизелгејт и последиците врз својот имиџ од глобалниот скандал. Porsche е број два бренд во VW Group според придонесот кон профитот на Концернот, а брендот инвестира една милијарда евра во развојот на целосно електричниот Mission E, чија сериска верзија се очекува да излезе на пазарот во 2020 година.
– Имаме и други идеи, кои се протегаат надвор од серискиот Mission E, објасни шефот на продажбата на Porsche, Детлев фон Платен на автомобилскиот саем во Женева. – Секако, една од опциите е Macan, кој може да им понуди на клиентите електрифицирана верзија.
VW Group планира да лансира над 30 електрични модели до 2025 година – стратешка промена во приоритетите на компанијата, која ќе помогне за нов пат на успехот на Концернот. Фон Платен дури објасни дека може да следи и хибридна верзија на 911, како и на подостапните Boxster / Cayman, а комбинацијата ќе е од бензински агрегат и електромотор.
Според неговите предвидувања зголемената побарувачка на премиум автомобили во Кина, САД и Европа може да обезбеди 300.000 продажби на Porsche годишно до 2020. Минатата година компанијата забележа рекорд – 238.000 продадени автомобили.
– Растот ни радува, но треба да сме многу внимателни, бидејки Porsche мора да остане ексклузивна марка, потсети Фон Платен.