Портрети на добитниците на наградите „Мостови на Струга“, „Браќа Миладиновци“ и „Млада Струга“ и поетско-музички перформанс


Со портрети на добитниците на наградите „Мостови на Струга“ за германската поетеса Катрин Пиц, „Браќа Миладиновци“ за македонската поетеса и книжевен теоретичар Катица Ќулавкова и „Млада Струга“ за Филипа Сара Попова денеска продолжува програмата на 63. издание на „Струшките вечери на поезијата“.

Во рамки на програмата предвидени се и поетски читања на поетите од потесниот избор за наградата „Браќа Миладиновци“ за 2024 година, промоција на преведеното издание на добитникот на наградата „Браќа Миладиновци” за 2023 година и на Антологијата „Од поети за поети“, чествување на годишнините на петмина македонски поети, како и поетско кафе „Версополис“.

Во рамки на настанот „Ноќ без интерпункција“, покрај поетските читања, ќе се одржи и поетско музички перформанс на Дино Имери и Тина Иванова, наречен „Дом“. Имери ќе настапи со дела на Бах, Бетовен и Шопен, но и неколку негови композиции, Иванова со нејзини текстови и со беседа од Џакомо Леопарди. Гостин на перформансот ќе биде италијанскиот поет и писател, Клаудио Поцани.

Манифестацијата почна вчера со традиционалното садење дрво на добитникот на „Златен венец“ истакнатиот француски поет и драматург,  Жан Пјер Симеон во Паркот на поезијата. Официјално синоќа ја отвори министерот за култура и туризам Зоран Љутков, по традиционалното читање на Константиновата „Т`га за југ“ од слепо лице со помош на Брајово писмо, во чест на годинашното мото на фестивалот „Допир на убавината“, со кое се оддава почит на иновацијата на Брајовото писмо.

- Реклама -