Посебен сообраќаен режим кон Лешок за празнувањата на Голема Богородица

Секторот за внатрешни работи Тетово ги интензивираше планираните подготвителни активности за непречено и безбедно одржување на традиционалните свечености по повод престојниот православен христијански празник „Голема Богородица“,  кои на 27-ми и 28-ми август ќе се организираат во манастирскиот комплекс во село Лешок.

Во рамките на овие активности, покрај другото,  ќе биде воведен посебен сообраќаен режим кој ќе започне да се применува на 27-ми август во 16 часот. „Притоа, влезот кон манастирскиот комплекс ќе се реализира преку главната клучка од регионалниот пат кон селото Лешок, а излезот преку локалните улици кон селото Слатино. Со цел полесно да се ориентираат возачите, на неколку места ќе се постави соодветна сообраќајна сигнализација, а ќе бидат распределени и полициски службеници кои ќе го регулираат одвивањето на сообраќајот во двете насоки.“, информира СВР Тетово.
Полицијата на сите граѓани кои со возила ќе пристигнуваат до манастирскиот комплекс им  укажува да ги паркираат само на определените локации за таа намена  и да ги почитуваат наредбите на полициските службеници кои ќе го насочуваат  движењето на возилата кон манастирскиот комплекс и обратно.
На граѓаните им се препорачува, исто така, при пристигнување до манастирскиот комплекс да не ги оставаат возилата на локалниот и регионалниот пат, да бидат трпеливи, непотребно да не брзаат и да не седнуваат зад волан под дејство на алкохол.

Извор