После гласање џабе каење: Циркус во Европскиот парламент, жртва е интернетот каков што го знаеме

Гласањето за расправата за „ублажувачките“ амандмани на контроверзните членови од Законот за авторски права, кој веројатно ќе го видоизмени интернетот каков што го знаеме, пропадна за само пет гласови. Апсурдното во целата работа е што всушност имало доволен број пратеници за резултатот да биде сосема обратниот. Арно ама, како што велат самите, несакајќи погрешно гласале.

Европскиот парламент го изгласа контроверзниот Член 13, со кој се заоструваат правилата за почитување и заштита на авторските права (copyright) на интернет. Во вторникот, со 317 гласа „за“ и 312 гласа „против“, ЕП ја отфрли расправата за амандманите кои можеа да ги ублажат или целосно отфрлат двата спорни члена во Законот. Со тоа се овозможи да се гласа за целиот закон, кој помина со 348 гласови „за“ и 274 „против“. Но, по гласањето, 13 од пратениците испратиле корекција на своето гласање, со образложение дека сакале да гласаат „за“ расправа за амандманите, а не „против“, како што реално гласале.

Според правилата на ЕП, членовите можат да пријават корекција на својот глас, но без можност тоа да влијае на исходот на веќе завршеното гласање. Пратеничката Маријете Шаке многу брзо укажа на „недоразбирањето“:

 

Сите 13 членови рекле дека немале намера да гласаат на начинот на кој гласале. 10 од нив инсистираат дека сакале да гласаат во полза на амандманите. Двата пратеници на Шведската демократска партија, кои се меѓу овие кои објавиле корекција на своето гласање, соопштија дека притиснале погрешно копче. Од партијата велат дека нивните членови биле збунети од промената во редоследот на гласањето во текот на сесијата.

„Денеска имавме три гласања за Законот за авторски права. На едно од гласањата притиснавме погрешно копче – на гласањето за редоследот по кој ќе гласаме. Да поминеше, ќе можевме да гласаме за бришење на спорниот член. Тоа го сакавме“, велат во соопштението.

Меѓутоа, дел од луѓето се скептични дека е можно европратениците да направат ваков пропуст.

„Не сум толку сигурен. Сосема очекувам некои пратеници да гласаат како што навистина сакале да гласаат, само за потоа во записите да стои корекција со сосема спротивната опција – само за да можат да речат дека згрешиле, но подоцна се поправиле, со што би ја избегнале одговорноста од начинот на кој гласале“

- Реклама -