Последен говор на Хан како еврокомесар: Кредибилитетот на ЕУ е оштетен

Еврокомесарот за проширување и соседска политика Јоханес Хан утрово за последен пат се обрати пред Комисија за надворешни работи на Европскиот Парламент во својство на вршител на сегашната функција, на дебатата фокусирана главно на Западниот Балкан.

Тој уште еднаш изрази жалење што земјите членки на ЕУ не постигнаа консензус во октомври за отпочнување на преговорите за членство со Северна Македонија и Албанија и повторно нагласи дека со тоа му се нанесува огромна штета на кредибилитетот на Европската Унија.

– „Кредибилитетот претрпе голема штета. ЕУ во светот зборува за успесите на мултилатерализмот и ние сме водечка сила во тоа, но тука не успеавме да донесеме одлука. Нашиот кредибилитет е оштетен“ – им порача Хан на европратениците.

Тој потсети дека кредибилитетот на ЕУ е еден од нејзините најголеми предности.

– „Ние дадовме гаранции дека кога ќе се исполнат критериумите ќе отпочнат преговорите. Ние не ги испочитувавме нашите ветувања и се надевам дека одлуката ќе се ревидира. Огромното мнозинство земји со години туркаат за отворање на преговорите“ – нагласи еврокомесарот.

Зеленото светло, истакна Хан, е пред сѐ признание за целата работа која ја направија двете земји и предупреди дека ЕУ мора да внимава на последиците што може да ги предизвика блокадата врз другите земји во регионот, потсетувајќи дека најголем поттик за Белград и Приштина да постигнат договор е токму ЕУ перспективата.

Европратениците во огромно мнозинство му изразија благодарност и поддршка на еврокомесарот Хан.

 

Повеќе ТУКА.

- Реклама -