Последниот настап на Мирко Попов и ПМГ Колектив

Во малата сала на Македонската филхармонија се одржа комеморацијата и последното испраќање на еден од највлијателните и најуспешни скопски музичари, композитори, текстописци, диџеи, издавачи и продуценти – Мирко Попов, кој прерано не напушти. На комеморацијата за делото на Мирко Попов зборуваше режисерот Синиша Евтимов, еден од неговите најблиски пријатели, како и неговите соработници од земјава и странство.   

-Не случајно ја одбравме малата сцена на Македонската филхармонија за овој повод, бидејќи ова беше една од омилените сцени на Попов, каде го реализираше џез фестивалот „Крај Вардарот Џез“ и чие претстојно фестивалско издание повторно ќе се случува тука. Зборовите понекогаш се тесни да се изразат одредени деликатни емоции, но ќе се обидам накусо да го сумирам неговиот лик и дело, кој изминативе 30 години остави моќен печат на македонската музичка современа сцена- рече Ефтимов, кој зборуваше за работата на Мирко Попов, за неговото влијание на македонската музичка сцена и за сето она што тој ни го остави.

Првиот професионален диџеј букинг Мирко го доби уште во 1992 година и оттогаш не престана да настапува. Истата година, стана дел од култното скопско музичко радио „Канал 103“ што е еден од клучните моменти во неговиот развој како личност и музичар. „Слободното изразување, кое е основна филозофија на оваа радио станица може да направи чуда од еден човек, велеше Попов, кој од 2008 до 2010 година беше и главен и одговорен уредник на Стотројка. Во 90-те години, Мирко беше во епицентарот на македонската техно-културна револуција и го постави Скопје на мапата на ова современо движење. Во тој правец се движи и формирањето на „ПМГ (Прогресивна Мултимедијална Група) Колективот“ кој во следните години прерасна во водечка авангардна сила на скопските улици, одговорна за широк спектар настани во сферата на музиката и урбаната култура. Во 1998, Мирко ја формира дискографската куќа „ПМГ Рекордингс“ која денес е водечка независна дискографска куќа во земјава, со над 300 изданија, а дел од оваа приказна се и изданијата „ПМГЏез“, „ПМГ Танц Дигитал“, „Con:Tempo“ и „Мкаедониде“.   Како куриозитет на домашната сцена и решеноста на Мирко да издава македонска музика на се уште најквалитетниот и најценет носач на звук – винил, ПМГ Рекордингс од 2017 започнува со продукција и издавање на македонска музика на винил. Оттогаш до сега има реализирано 13 изданија на македонска музика на винил, меѓу кои и пионерски изданија, кои ќе останат како дел од историјата и културно наследство. Заедно со музичарот Владан Дробицки се идејни творци на фестивалот „Крај Вардарот Џез“, кој годинава ќе го реализира 5-то издание. Мирко беше дел и од култниот електро – џез состав „Кантон 6“, со кој досега има издадено повеќе од три албуми, како и со опскурниот проект #МакедонидеКру со 6 албуми. Како самостоен автор и изведувач го започнува музичкиот проект „Мирко Попов Квартет“ со кој во изминатите неколку години има неколку изданија на авторска музика и има успешни настапи во живо. Има потпишано неколку музики за театар и филм. Режирал и радио драма. Мирко e сценарист и продуцент на документарниот филм „103-Љубовно Писмо До Алтернативната Култура” и комплетен автор на музичкиот филм „До Небото Замок”. Продуцент, сценарист и автор е на повеќе од 50 музички видеа. Автор е на книгата „20 Години те Сакам“,  „Монографија за ПМГ колектив”. Автор е на книгата за деца „Розевата Планета” издадена за „Чудна Шума“ на македонски и албански јазик.“

Мирко Попов како музички новинар пишува за Трн, Реборн, Урбан Магазин, Тротоар, Скопско Метро… Објавувал своја проза, поезија и стрипови и во Маргина и Лифт. Беше иницијатор и уредник на „Силата ЕУ младите“ – платформата која регистрира, ангажира и промовира квалитетни, автохтони младински движења, сцени и поединци во Македонија.

Покрај многуте соработници со кои колаборираше на сцената за него говореа Филип Николовски (МКЦ), Билјана Црвенковска (Розевата планета), Филип Тасевски (Земјотрес), Јанг Дади (музичар) и Дина Јашари (музичар).

-Мирко секојдневно со се што правеше ги менуваше работите, се трудеше да го менува светот. Ова што го првеше со младите, ова што го правеше со музиката, со културата е само дел од таа голема слика на целосно менување на условите во кои живееме, на времето во кое што живееме. Тој дух беше толку голем и никогаш не се откажуваше, никогаш не се предаваше. Секогаш се бореше и секогаш инсистираше да не се откажуваме. Да не стануваме конформисти. Да не си легнуваме на брашното и да не си ги пакуваме куферите и да си одиме. Зошто да го напрвиме тоа? Па ние што се занимаваме со култура точно знаеме дека најдобро се твори таму каде што си роден, ни велеше Мирко постојано, се присетуваше во нејзиното последно обраќање Билјана Црвенковска, со која Мирко заедно ја напиша „Розовата планета“.

За Мирко зборуваа неговите колеги од земјава и странство со кои делеше иста страст кон музиката.

-Мирко, постариот брат на сите музички талентирани клинци или неталентирани музички фанатици (како мене) кои се шуњаат низ град: фасциниран што постоиме, ја отвора вратата од својот дом и вика: “еве копиљ, све шо иам ја, сеа имаш и ти.”… Мнозинството воопшто не беше свесно за оваа негова топла, човечка страна. Освен дежурните хејтери, останатите го препознаваа и признаваа овој негов ангажман. Сепак, мнозинството највеќе го знаеше како политичко битие кое дава свое мислење за секојдневните срања од животот, вселената и све друго, како муабетот со палењето цркви на пример. Би сакал да појаснам, Мирко не сакаше да ги запали сите цркви. Оригиналната идеја беше да се поштеди соборниот храм во Скопје, во него да се смести најдоброто озвучување на светот и храмот да продолжи со работа како ноќен клуб со име The Church. Секако дека мнозинството не беше спремно за неговите ставови.  Рано е уште за тоа. Како автор беше игнориран од мнозинството, но и од скопската критична маса која не е баш свесна дека покрај Скопјанка и Манекенки тој е автор на над сто други песни на ПМГ Колектив, Кантон 6, Мирко Попов Квартет, Македониде Crew… сите со своја убавина и поента и сите отпеани на македонски јазик. Фала богу, песните се тука, засекогаш. Стрпливо чекаат на вас, не морате воопшто ни да брзате. Како издавач мнозинството едноставно не можеше да го игнорира: PMG Recordings, PMG Jazz, PMG Tanz Digital и Pattern PMG располагаат со импресивен каталог на македонска музика како ниту еден друг субјект. Сигурен сум во едно, неговиот ентузијазам ќе му недостасува на Скопје и Македонија. Ќе недостасува неговата неуморна потрага по новите интересни деца од нашите улици, деца на кои со нетрпение чекаше да им ја отвори врата од својот дом и да им каже, “еве копиљ, све шо иам ја, сеа имаш и ти”- ја заврши Александар Гавровски последната порака до неговиот колега и постар брат Мирко.

Попов е еден од ретките, кој во континуитет се грижеше на површината да испливаат новите генерации домашни млади музичари. „Мораме да комуницираме и да се дружиме со младите, затоа што само така вистински ќе знаеме каде оди светот и ние ќе останеме млади“, велеше Попов кој и ќе остане вечно млад за сите нас кои го знаевме, кои работевме со него и кои ја имавме честа да го познаваме. Во чест на Попов, останува заедно да ја славиме македонската музика, како што велеше и самиот: „Во Скопје, улиците пеат“. Млади, не застануваме!

- Реклама -