Повеќе од пет години за закон за климатска акција
Податоците од климатскиот скенер послужија како основа за Државниот завод за ревизија да изврши analiza на успешноста на темата „Подготвеност на Република Северна Македонија за справување со климатските промени“. Целта беше да се утврди: „Дали Владата има воспоставени механизми, системи и политики за справување со климатските промени?“
Според опфатените докази, ревизорите добија уверување дека во Македонија се исполнети основните предуслови и постигнат е извесен напредок во развојот на политиките. Сепак, потребни се дополнителни мерки за да се воспостават ефективни механизми за справување со климатските промени.
Ревизорските активности се фокусираа на три клучни области: управување со климатските промени, јавни политики и финансирање во оваа сфера.
Во делот за управување со климатските промени, постојното законодавство во областа на животната средина иако покрива одредени аспекти, не е доволно за создавање на систем кој ќе овозможи ефикасно управување. Забавувањето на процесот за донесување на законот за климатска акција, кој трае повеќе од пет години, доведе до недостаток на институционален систем и координација меѓу релевантните институции, како што се наведува во ревизорскиот извештај.
И покрај активностите на бројни институции и засегнати страни во подготовките за Законот за климатска акција, недостасува вклучување на локалната самоуправа, која игра клучна улога во имплементирањето на политиките на локално ниво.
Поради недостаток на административни капацитети, не е создадена единствена база на податоци за изработка и ажурирање на Националниот инвентар на стакленички гасови. Овој инвентар е последен пат изготвен во 2019 година, со што последните пет години се без податоци за емисиите, што не е добро за креирањето на ефективни политики за климатските промени.
Со Долгорочната стратегија за климатска акција за периодот 2020-2050, државата се обврза да ги намали нето емисиите на стакленички гасови за 72% во однос на 1990 година, но не ја утврдила целта за „нето нула“ емисии, со што не ги исполни обврските од Европскиот зелен договор.
Според Ревидираното национално утврдено придонесување (NDC), државата се залага за намалување на емисиите за 82% до 2030 година. Во 2019 година, според податоците од Инвентарот на стакленички гасови, вкупните емисии се намалени за 9,2% во однос на 1990 година.
Недостатокот на механизми за мониторинг и известување не дозволува проценка на ефектите од одредените мерки за постигнување на поставените цели. И покрај тоа што Македонија како потписник на Договорот од Париз ја утврдила својата цел со Првиот NDC и во 2021 година поставила амбициозни цели, не е донесена Стратегија за ублажување.
Македонија моментално нема Национален план за адаптација на климатските промени, но некои секторски стратегии предвидуваат мерки за адаптација. Поради неуспехот во поставувањето механизми за следење на реализацијата на овие мерки, не може да се потврди дали тие се доволни за постигнување на целите.
Во делот за финансирање на климатските промени, Долгорочната стратегија предвидува капитални инвестиции од 35 милијарди евра за периодот 2020-2050 година и 121 милијарда евра трошоци во енергетскиот сектор. Меѓутоа, напоменава дека во државниот буџет нема воспоставен систем за климатско означување на проектите.
Дадени се препораки за подобрување на состојбата и создавање услови за подобрување на напорите на Македонија во справувањето со климатските промени.




