Постолимписката депресија сè уште табу-тема


Постолимписката депресија е сè уште табу тема и има голем број непријавени случаи на депресија меѓу учесниците по натпреварувањата, велат експертите.

„Тоа е добро познатиот модел на санта мраз. Гледате неколку луѓе кои зборуваат за тоа, но не го гледате мнозинството“, вели за dpa психологот Марион Суприцио.

Според експертите од Германскиот спортски универзитет во Келн, постојат многу опции кои можат да им помогнат на спортистите да не се најдат во тешка ситуација по завршувањето на Олимписките игри.

„Психологијата и спортската психологија имаат многу да понудат и работат превентивно. Важно е спортистите да ја подготват својата ‘глава’ за она што претстои. Програмите се тука. Искористеноста сè уште не е оптимална, има простор за подобрување“, вели Суприцио.

Спортистите сѐ почесто зборуваат за нивните психички проблеми по Олимпијадата, но веројатно уште повеќе меѓу нив не зборуваат за тоа.

„Постолимписката депресија е табу-тема за многу спортисти. Но, тоа е случај со многу ментални болести. Стравот од стигматизација е огромен”, вели Суприцио.

Темата го привлече вниманието на јавноста кога повеќекратниот олимписки шампион Мајкл Фелпс зборуваше за депресијата по Игрите. Американскиот пливач откри дека се мачел по сите Олимписки игри, почнувајќи од Атина во 2004 година.

Случајот на Фелпс покажува дека дури и најискусните можат да бидат погодени, но се чини дека дебитантите се особено изложени на ризик.

„Спортистите кои првпат се натпреваруваат на Олимпијадата многу брзо паѓаат во дупка“, вели Ули Кнап, тренер на германската тркачка на далечина Малаика Михамбо.

Поискусните спортисти знаат што да очекуваат, додека „новодојденците честопати се целосно обземени од голем настан како Олимпијадата“.

- Реклама -