Во земјава денес до 16 часот имало 21 пожар на отворен простор, 5 се изгаснати, 8 се ставени под контрола, а 10 се активни, информираше попладнево директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.
Меѓу активните е и поголем пожар на територијата на Националниот парк Маврово, близу Врбен на кој се интервенира и од земја и од воздух.
„Овој пожар е длабоко на територијата на НП Маврово. Него попладнево го гасиме со еден словенечки хеликоптер, но истовремено и еден голем полициски хеликоптер. Воедно од земја гаснат 30-тина вработени во НП и десетина доброволци од месното население. На некои места се зафатени ела, смерка и сува трева“, рече Ангелов.
Најтешкиот пожар, каде борбата со огнената стихија трае повеќе од дваесет дена, е на територијата на Општина Македонски брод и има два крака, од кои едниот е ставен под контрола.