Пожарот е на 500 метри над првите куќи во Врбен, екипи на НП Маврово и населението ќе дежураат преку ноќта

Големиот шумски пожар кој изби денес во атарот на горнореканското село Врбен, на територијата на Националниот пат Маврово, сѐ уште гори, а огнот е приближен на 500 метри над првите куќи во селото.

Екипи на НП заедно со жителите остануваат на терен преку ноќта и ќе прават обид да го спречат натамошното ширење, информира вечерва директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.
„Се работи за поголем шумски пожар, гори смрека, сува трева и ела, се развива висока температура и линијата на огнот е на околу 500 метри над првите куќи. Меѓу пожарот и селото има асфалтиран пат, верувам дека вработените во НП Маврово со поддршка на локалното население на асфалтираниот пат ќе успеат да го сопрат овој тежок шумски пожар. Во текот на денот дејствуваме со 5 ер трактори со кои успеавме да го сопреме едниот крак, дејствуваше и еден голем полициски хеликоптер, кој исто така значително ја намали линијата на пожарот. Во текот на ноќта дежурни ќе останат екипа од НП Маврово заедно со локало население, кои ќе внимаваат доколку огнот се приближи до селото, истиот да го стопираат“, изјави Ангелов, кој вечерва е на лице место во Врбен.

Низ земјава има големи и тешки пожари во општините Македонски брод, Пехчево, Кичево, Пласница, Кочани, Македонска Каменица, Долнени и Новаци, како и на планината Галичица.

Извор