Пожарот над Врбен повторно засилен

Интензивиран е шумскиот пожар во атарот на горнореканското село Врбен, на територија на Националниот парк „Маврово“ . На гаснење, за сега денеска се интервенира само од земја.

„Пожарот се засили и ноќеска предизвика вознемиреност, бидејќи поради ноќта изгледаше многу поблиску до селото отколку што реално беше. Таму денес дејствуваат 24 специјалци од МВР, тројца пожарникари, 40 вработени од НП Маврово, како и 15-тина локални жители“, информираше попладнево директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.
Пожарот над Врбен избувна на 13 август утрото. Гори висока ела, смрека и сува трева. Првите два дена имаше интервенција и од воздух, а со булдожер беше направен и таканаречен противпожарен појас.
Денес, до 13 часот во земјава регистрирани се 22 пожари на отворен простор, од кои 10 се активни. Најкритичен е пожарот на Галичица кој гори десеттина дена, на две локации, на потегот над селата Лескоец и Стење во атарот на Општина Ресен, како и месноста Војтино на охридската страна од планината.

Извор