Данската фудбалска репрезентација се пласираше во четвртфиналето на Лигата на нации откако одигра 0:0 против Србија во директниот меч за пласман натаму во Лесковац.
Тоа беше натпревар во кој на домашните им беше потребна само победа, додека на Данците за второто место им беше доволен бод. Беше интересна игра со голем број шанси особено кон данскиот гол, вкупно 30 удари кон голот со 10 корнери, но без погодок. Се чини дека домашната селекција беше оштетена за пенал во првиот дел, кога нафрлена топка по удар од аголот во раката погоди еден од данските одбранбени играчи. Очигледно беше дека гостинскиот играч ненамерно играше но неговата рака се наоѓаше во ткн „неприродна позиција“ при скокот далеку од телото, но ВАР не реагираше. Минатата седмица во идентична ситуација Холандија доби пенал против гостинската Украина.
Србија имаше дури 16 удари во првото полувреме, а уште шест во вториот дел, од кои шест во рамките на голот, но не успеаја да го совладаат Каспер Шмајхел. Во последните моменти од средбата домашните останаа со играч помалку откако Страхиња Павловиќ двапати „пожолте“ во последните пет минути.
Шпанија во вториот натпревар ја победи Швајцарија со 3:2. Тоа беше средба без никаква важност. „Фуријата“ уште пред последното коло обезбеди прво место и пласман во четвртфиналето, додека Швајцарија беше отпишана како сигурен патник во понискорангираната Лига Б.
Актуелниот европски шампион и бранител на титулата во Лигата на нации поведе во 32. минута со голот на Јереми Пино. Младиот, 22-годишен играч на Виљареал постигна гол откако Педри промаши пенал. Слабо шутираше, па Ивон Мвого одбрани, но во продолжението од акцијата Пина ја затресе мрежата. Жоел Монтеиро израмни во 63. минута, но пет минути подоцна Брајан Гил ѝ донесе ново водство на Шпанија. Во 85. минута Швајцарците уште еднаш израмнија, стрелец беше Анди Зеќири од пенал, а Брајан Сарагоса ѝ донесе победа на Шпанија во третата минута од судиското надополнување од уште еден пенал.
На крајот, победник во групата е Шпанија со 16 бодови, Данска со осум, Србија со шест, а Швајцарија со два бода.
Хрватската фудбалска репрезентација се пласираше во четвртфиналето откако во последното коло од групата 1 во Сплит одигра 1:1 (0:1) против Португалија, што е нејзин прв бод против оваа селекција. Португалија поведе во 33. минута со голот на Жоао Феликс, а израмни Јошко Гвардиол во 66. минута. Хрватска одигра одлично второ полувреме откако првото полувреме мина во доминација на Португалците, кои во Сплит дојдоа без своите најголеми ѕвезди.
На Хрвагска ѝ беше потребен барем бод во последните 90 минути од натпреварувањето по групи за да го обезбеди второто место пред Шкотска и зад недостижната Португалија. Во вториот меч од оваа група, Шкотска во Варшава ја победи Полска со 2:1, со што се искачи на третото место со бод помалку од Хрватска.
Северна Ирска се пласираше во Лига Б играјќи 2:2 на гостувањето кај Луксембург. Гостите водеа со 2:0 (Цена 19, Бредли 50), но Луксембург израмни преку Корач (72) и Родригес (75). Второто реми на Бугарија беше 1:1 против Белорусија. Домашните поведоа во 13. минута со голот на Васил Панајотов, а израмни Александар Мартинович во 70. минута.
Северна Ирска го освои првото место со 11 бодови, два повеќе од Бугарија, Белорусија е трета со седум бодови, а Луксембург е последен со три бода.
Во групата Ц2 сѐ уште не се знае кој се сели во повисок ранг од натпреварувањето откако во петокот беше прекинат натпреварот помеѓу Романија и Косово. Да потсетиме, гостите го напуштија теренот во 90. минута откако публиката почна да извикува „Србија, Србија“. На Косово, инаку, само победа од 3:0 им одговора за пласман, што сега ќе ги бараат преку административна одлука.
Фудбалскиот сојуз на Косово објави соопштение во кое најави жалба до УЕФА поради „континуираните расистички и антикосовски скандирања на романските навивачи“. Конечната одлука за тој натпревар ќе ја донесе УЕФА.
Во последното коло Романија го победи Кипар со 4:1, а Косово со 1:0 беше подобро од Литванија. Романија сега има 15, а Косово 12 бода по прекинот на мечот.
Сан Марино се сели во Лигата Ц откако го совлада Лихтенштајн со 3:1 на домашен терен, прескокнувајќи го Гибралтар на табелата.
Извлекувањето на двојките е на 22 ноември во Нион, а натпреварите се закажани за 20 и 23 март. Завршниот турнир е закажан од 4 до 8 јуни.