Преглед ЛШ: Реми на Сити и Интер, расположен Селтик, голманска грешка за победа на ПСЖ


Во дербито на првото коло од новото издание на Лигата на шампионите, Манчестер Сити и Интер одиграа без гол на стадионот „Етихад“. Тоа беше реприза на финалето на Лигата на шампионите во 2023 година кога Сити во Истанбул го победи Интер со 1:0. Овојпат двете екипи имаа по неколку прилики, но немаше голови.

Очекувано Сити доминираше, додека Интер своите можности ги бараше во противнапад. Најубавата шанса на натпреварот ја имаше Фил Фоден во 69. минута кога од непосредна близина шутираше директно во Јан Зомер. Седум минути подоцна, Хенрик Мхитарјан имаше одлична шанса на спротивната страна, но го промаши голот.

Селтик го декласираше Слован од Братислава со 5:1. Селтик можеше да поведе веќе во 4. минута, Дајзен Маеда шутираше но топката помина неколку сантиметри над пречката. Маеда се закани во 12. минута, но голманот Доминик Такач беше подготвен. Домашните поведоа во 17. минута по корнер, со ударот со глава на Скејлс. Најубавата шанса во првото полувреме ја имаше Слован во 30. минута, но ударот на Владимир Вајс беше изблокиран. Во финишот на првиот дел добра шанса за шкотскиот шампион имаше и Кјого Фурухаши, но беше непрецизен.

Веќе во втората минута од вториот дел Селтик ја зголеми предноста, Кјого Фурухаши погоди за 2:0, а домашната екипа дојде на чекор до победата во 56. минута кога Арне Енгелс реализираше пенал за 3:0. Кевин Вимер им донесе трошка надеж на гостите намалувајќи на 1:3 во 61. минута на асистенција на хрватскиот фудбалер Марко Толиќ. Сепак, Дајзен Маеда ги отстрани сите дилеми во 70. минута, а победата на шкотскиот тим ја потврди Адам Ајда во 86. минута. Толиќ го одигра целиот натпревар за гостите.

ПСЖ доминираше против новајлијата во елитното друштво шпанскиот претставник Жирона, но до судиското надополнување не можеше да го совлада аргентинскиот голман Пауло Газанига. И кога се чинеше дека Каталонците во премиерниот настап Лигата на шампионите ќе го освои и првиот бод на „Паркот на принцовите“, Газанига го расипа сето добро што го направи за време на натпреварот. Во првата минута од судиското надополнување, Нуно Мендеш уфрли приземјена топка од левата страна, требаше да биде лесна работа за Газанига, но топката помина низ неговите раце и нозе во голот.

Три бода доби и европскиот вицешампион Борусија Дортмунд, кој дури во последните 15 минути го совлада Клуб Бриж со 3:0. Џејми Бино-Гитенс го отвори резултатот за домаќините во 76. минута, истиот играч погоди во 86. за 2:0, а конечните 3:0 во петтата минута од судиското надополнување ги постави Серху Гвираси со гол од пенал.

Во претходниот натпревар Спарта во Прага го победи РБ Салцбург со 3:0. Чешкиот шампион поведе во 2. минута со голот на финскиот играч за врска Каан Каиринен. На 2:0 зголеми нигерискиот напаѓач Виктор Олатуњи во 42. минута, а конечните 3:0 ги постави албанскиот играч за врска Ќазим Лачи во 58. минута.

Во другиот натпревар Болоња и Шахтјор Доњецк одиграа без голови. За Шахтјор беше досуден пенал уште во 4. минута. Стефан Пош го собори противникот, а норвешкиот судија Рохит Саги покажа на белата точка. Георгиј Судаков шутираше, но Лукаш Скорупски одлично одбрани.

Последните шест натпревари од првото коло се закажани за четврток, а се среќаваат Феенорд – Баер Леверкузен, Црвена ѕвезда – Бенфика, Монако – Барселона, Аталанта – Арсенал, Атлетико Мадрид – РБ Лајпциг и Брест – Штурм Грац.

- Реклама -