Преговори нема, сѐ што добивме се навредите и интервјуто на Заев

Неодговорна и тешка геостратешка грешка“… „Бугарија го прекрши Договорот за добрососедство и пријателство и застана на патот на нашата европска интеграција“… „Бугарија не собра сила да се однесува европски“… „Ставот на Бугарија е целосно ирационален и навредлив за Македонците и сите граѓани“… „ДА за Европа и НЕ за уцени врз македонскиот народ!“… „Ние никогаш не сме биле проблемот, ние сме носители на решенијата, затоа сите се на нашата страна“… „Причините за неодобрување на преговарачката рамка прават штета на фундаменталните принципи и вредности на Европската Унија“… „неоправдано вето“… „пораз на европските вредности“… „фундаментална обврска на ЕУ да ги препознава и чува историските и идентитетски различности“…

Сите овие пораки премиерот Зоран Заев ги испрати во денешното обраќање до нацијата по повод конечниот исход кој отсекогаш делуваше како најверојатно сценарио, но потајно го игнориравме зашто надежта последна умира – бугарско вето за почеток на преговорите со Македонија (без оглед што според Захариева не е вето туку само „неодобрување“). Кога би биле злобни, би заклучиле дека за првпат во целата оваа сага со Бугарија, премиерот денеска покажа „кичма“. Но и повеќе од тоа:

„Нема да дозволиме ниту антифашистичкиот идентитет на нашата земја да биде загрозен и да биде доведен во прашање! Темелите на нашата државност се во антифашизмот на АСНОМ, како што темелите на нашиот идентитет се во македонскиот народ и македонскиот јазик. Тоа се нашите столбови од минатото. Тоа се нашите столбови за иднината“, порача во обраќањето  Заев, истиот оној премиер што во интервјуто за БГНЕС, на прашање на новинарот дали Бугарија е фашистичка, одговори со, цитираме:

„Тоа не е точно. Имало некојпат некоја администрација во тој момент, на почетокот. После тоа Бугарија се дига заедно со антифашизмот, се бори за слободата, за демократијата, и апсолутно е дел од антифашистичкиот фронт“

Вчера, во интервју за „Сител“, претседателот Пендаровски истакна дека доколку сега не се случи некакво чудо, за следниот чекор ќе треба да чекаме најмалку до завршувањето на парламентарните избори во Бугарија во март, затоа што и Борисов и Каракачанов нижат политички поени со „јуначењето“ по прашањето со Македонија. По обраќањето на Заев, се чини, и премиерот крева раце од понатамошни обиди за разбирачка со актуелниот бугарски политички врв. Во спротивно, ако досега гризнувањето јазик, воздржувањето и умилкувањето беа најдобрата стратегија, зарем не би требало со истата да се продолжи сѐ додека продолжуваат и разговорите со Бугарија, особено што можно е и на следните избори фигурите во политичкиот врв кај нашата источна соседка да останат непроменети, посебно откако си го покачија рејтингот?

Едно е сигурно, по ваквите остри (но заслужени) пораки од Заев, можеме да очекуваме само (ако не подрски Борисов и Захариева, тогаш барем) уште подрски Каракачанов, Ковачев, Џамбаски и слични на нив.

Можеме да очекуваме дека интервјуто на Заев, дадено за бугарска новинска агенција, уште долго ќе ни го плескаат во лице секогаш кога им оди во прилог, затоа што изобилуваше со, во најмала рака, несмасни изјави кои оставија простор Бугарите да го чујат она што сакаат да го чујат и да си потврдат дека цело време биле во право, за разлика од нас. Дека уште долго – што на официјално ниво, што во коментари на Фејсбук – ќе нѐ потсетуваат на „храбриот премиер Заев“ кој за првпат отворено му ја соопштил „вистината“ на „народот на Република Северна Македонија“.

Во интервјуто за „Сител“, прашан дали се сложува со изјавите на Заев во интервјуто за БГНЕС и дали истите не ѝ нанеле штета на државата, претседателот на државата Пендаровски истакна:

„Интересно е да се спомене дека веќе наредниот ден, по некој сосема друг повод, самиот премиер Заев ретерираше од дел од тие ставови и ги дообјасни. Јас мислам дека тоа дообјаснување е во ред“.

Но, сепак, со очигледна доза на воздржаност, Пендаровски го критикуваше кажаното во тоа интервју:

„Се разбира дека со она што беше првично изнесено не можеме да се согласиме – дека, не знам, струмичкиот и петричкиот се ист јазик, или со симнување на таблите, без оглед што на нив пишува, надвор од било каква процедура, и така натаму.

Меѓутоа, ние сме веќе навикнати на господинот Заев да има специфичен политички израз кога зборува за различни теми. За мене е најважно што тој самиот ретерираше по 24 часа“, рече претседателот.

Меѓутоа, вистината е дека во Бугарија никој во иднина нема да ги спомене „дообјаснувањата“ на Заев дадени за таму некои си „медиуми на Република Северна Македонија“, што би рекле нашите источни соседи. Никој во Бугарија нема да го спомне ниту денешното државничко обраќање на премиерот, освен кога ќе посочуваат дека токму со овие денешни ставови, кои звучат дијаметрално спротивни на досегашните, посебно на оние во интервјуто, Заев го потврдил она што бугарските политичари и секакви експерти упорно го повторуваа изминатиов период – дека Македонија отсекогаш имала лицемерен однос кон Бугарија.

Во реакцијата на Бранко Црвенковски, кој го замрзна членството во СДСМ и ги повика сопартијците да се оградат од ставовите на Заев, тој јасно посочи дека молкот во политиката го прекршил само поради „скандалозното интервју на Премиерот“. Во тоа обраќање, Црвенковски оцени дека „ставовите и тезите искажани во тоа интервју предизвикаа и ќе предизвикуваат тешки и долгорочни последици за македонскиот народ и македонската држава“ и дека е „направена огромна и непоправлива штета“. Она што може и мора да се направи, додаде тој, е да се стави јасно на знаење дека ставовите на Заев не се ниту ставови на целата Влада, ниту на целиот државен врв.

Во интервјуто за „Сител“, актуелниот претседател на државата оцени дека обраќања како тоа на Бранко Црвенковски – односно на некој долги години бил на чело на држава, партија и на влада – се добредојдени и треба да ги има повеќе. Сепак, потенцираше дека не се согласува со пораката на Црвенковски затоа што била партиска, а не претседателска. Притоа се повика на своето лично кредо – дека некој што бил претседател на држава мора до крај да остане претседател на сите, а не само на неговите сопартијци. Подетално, Пендаровски не навлезе.

Во ред, да ја оставиме штетата настрана. Но што добивме? Никој освен оние дежурните на браникот на Заев, се чини, не гледа ништо полезно од неговото интервју за БГНЕС, особено сега, откако згасна и последната надеж дека Бугарија нема да ја реализира уцената и ќе дозволи почеток на преговорите до крајот на годинава.

Тоа не му успеа ниту на самиот Пендаровски, кој во Дневникот на „Сител“ истакна:

„Не добиваме ништо со таквите интервјуа. Не можам да кажам дека имаме штета, но не можам да видам што добиваме“.

Некој непоправлив оптимист, очигледно не Пендаровски или Црвенковски, можеби би сугерирал дека постои некаква задкулисна зделка, некаков договор за кој не знаеме, кој во блиска иднина на Македонците и на сите граѓани во земјава ќе им ги „компензира“ навредите и понижувањата што изминатава година им ги сервираше Бугарија, но особено срамот од тоа горчливо интервју сервиран од еден од „нашите“ – премиерот на нашата сопствена држава. Но дури и тогаш ќе се постави прашањето: Ако постои таква зделка, зарем беа неопходни? Или треба да веруваме дека и понижувањата беа дел од зделката?

На крајот, вредеше ли? Вредеше ли, премиеру (кој ниту еднаш не се извини), за тебе, за нас, за државата?

З.П.

 

- Реклама -