Премиерот Заев со честитка за 8 Март: „Ве предизвикувам да го следите мојот пример“

„Избирам да предизвикам да ја менуваме културата на третманот кој жените го имаат во нашето општество“, порачува премиерот Зоран Заев по повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената.

Тој  се придружи на повикот Јавното обвинителство итно и темелно да го расчисти случајот „Јавна соба“, кој претставува кривично дело во кое огромен број жени се жртви на родово засновано насилство.

„Немаме повеќе ни минута за губење. Жртвите мора да бидат заштитени“, категоричен е премиерот, повикувајќи ги владините надлежни институции и да ги забрзаат измените во законската регулатива со кои сексуалното вознемирување преку интернет посебно ќе се регулира и во Кривичниот законик со мерки за итно постапување на овие случаи.

„Денеска избирам да предизвикам промена во тоа како ја разбираме родовата еднаквост“, додава Заев понатаму во обраќањето. Како што истакнува, родовата еднаквост е повеќе од еднаква застапеност и е силно поврзана со правата на жените и примената на тие права во секојдневниот живот.

„Кога реков дека борбата за правата на жените и девојките почнува од секој од нас поединечно, ве предизвикувам да го следите мојот пример. Во мојот кабинет на повеќе од 70% од местата се жени или девојки. На раководните места – повеќето се жени. Од 8 министерства во Владата со кои раководат членови на СДСМ, во 4 ресори раководат жени. Тие произлегоа од родово рамноправни тандемски двојки кои за првпат се воведоа како принцип на парламентарните избори“, посочува Заев.

„Политичкото и економското зајакнување е одговорот на напредните демократии, какво што општество тежнееме да сме ние. Избирам да предизвикам да создаваме услови жените да се таму каде што се носат одлуките. Честит 8 Март, за родово еднакво општество!“, додава премиерот во честитката.

- Реклама -