Жешкото време и невнимателноста на луѓето со храната носи зголемен ризик од појава на труења. Во изминатиот период најголемиот дел од граѓаните кои доаѓаат за лекарска помош на инфективното одделение во гостиварската болница се со симптоми на турење со храна. Дневно, бројот на пациенти во амбулантата се движи од 80 до 100 и најчесто се жалат на стомачни тегоби со повраќање и дијареа, информира раководителот на инфективно д-р Ратко Наумоски.
„На инфективно состојбата е алармантна, има многу голем број пациенти, преполно е одделението. Најголем број се со труења од храна, имаат стомачни тегоби, пролив, повраќање. Во денот може да се случи амбулантски да имаме 80 до 100 пациенти. Се работи за одделни случаи, неповрзани, значи не јаделе некаде сите на исто место, инаку ако има таква појава на 4-5 случаи, ние сме должни да ги пријавиме. Секако, советуваме граѓаните да внимаваат на храната, ризикот е многу голем на овие високи температури. На угостителите, освен што ги потсетуваме храната соодветно да ја чуваат и подготвуваат, советуваме да не користат мајонез, затоа што е најчест предизвикувач на труења“, рече д-р Наумоски.
Симптомите кај повеќето пациенти траат неколку дена, се третираат со терапија и не даваат компликации.
Инфективното одделение регистрира и три лица позитивни на коронавирус.
„До сега имаме три коронапозитивни, потврдени со тест, од кои една пациентка е хоспитализирана на одделение. Имаме посебна болничка соба за пациенти со ковид. Останатите две лица со коронавирус се со подобра клиничка слика и се лекуваат амбулантски и во домашни услови“, информира инфектологот.
Инаку, во текот на јули во Македонија пријавени се вкупно 250 случаи на ковид, што е десет пати во однос на јули 2023 г.. Најголем број од заболените се над 60 години и деца до 9 години.