Денес во 19:00 часот во Големиот амфитеатар (А3) на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, УКИМ ќе биде изведена култната јапонска претстава „Баба самурај” на јапонската актерка Шоко Ито. Претставата се игра по повод јубилејот 30 години дипломатски односи меѓу РС Македонија и Јапонија. Претставата ќе биде второ гостување на актерката Ито на Филолошкиот факултет.
Шоко Ито е јапонска театарска и филмска режисерка, актерка и ликовна уметница со импозантна меѓународна кариера: во текот на 35 г. настапила во 80 земји. Дипломирала на Универзитетот Тама, на Катедрата за јапонско сликарство. Во 1986 година го основала театарот ИТО-ГУМИ, во кој се комбинираат повеќе уметнички форми: монодрама, сликарство, видео, јапонска традиционална музика и танц. Актерската игра, според оригинални сценарија на Шоко Ито, која е спој на класично ракуго и модерна манга, е високо оценета низ целиот свет. Меѓу најпознатите нејзини претстави се вбројуваат: „Гејша самурај“, „Нобунага Она“, „Баба самурај“, „Мајсторот Шоко и Маргарита“, „Балекендан“, „Пес и мачка“. Добитничка е на редица награди за театарските претстави, а активна е и на филмската сцена. Во филмот „Цртање на небото“ игра 18 улоги. Кусиот филм „Моментум“, во кој игра Шоко Ито, е награден со 10 меѓународни признанија.