Според известувањето на Министерството за внатрешни работи, граѓаните беа едуцирани преку директни разговори и делење на едукативен материјал за најчестите типови измами, а тоа е измамата со лажна сообраќајна незгода. Измамниците, претставувајќи се по телефон како полициски службеници, адвокати, обвинители или лекари, ги лажат жртвите дека нивното дете повредило некој во сообраќајна незгода и обидуваат да извлечат пари од нив. Тие тврдат дека ќе помогнат на детето за одредена сума.
„Измамниците на овој начин се обидуваат да ги искористат повозрасните лица. Во градскиот парк во Скопје успеавме да разговараме со многу стари лица и да ги информираме за ваквите измами и начини на работење на измамниците. Апелираме, доколку некој прими таков повик, веднаш да прекине разговор и да ја повика полицијата на 112 или 192 и да ги извести сопствените блиски“, истакна министерот Тошковски.
Во првата половина од годинава беа пријавени 16 вакви случаи, а во последните пет години расветлени се 40 случаи, при што поднесени се кривични пријави против 16 лица за 40 дела на измама. За преостанатите случаи, земени се мерки за нивно расчистување и поднесување на соодветни кривични пријави.

Во паркот, како што се наведува во известувањето од МВР, се појавија и полициските службеници Кристијан Стефановски и Жико Ѓорѓиевски – хероите кои спасија жена од реката Вардар. Министерот на средбата со нив ја подвлекуваше важноста на полицијата и влијанието што го има врз животот и благосостојбата на граѓаните, особено во најтешките моменти.
„Вашите херојски дејства, кога директно се спасува човечки живот, значат многу повеќе од обично службено постапување. Тоа е вистинска посветеност и пожртвуваност за заштита на безбедноста и сигурноста на секој граѓанин и целото општество“, нагласи министерот Тошковски, упатувајќи им честитки на двајцата полициските службеници за нивната херојска постапка.
Тој дополнително потсети дека во рамките на законските можности, тие ќе бидат соодветно наградени за нивниот херојски гест.




