Скулптури изработени за време на првата Вајарска колонија „Моклиште 2024″, на која учествуваа вајари од земјава и странство, беа презентирани попладнево во Музеј галерија Кавадарци, во рамките на традиционалната стопанско туристичка и културна манифестација „Тиквешки гроздобер”. Колонијата беше под покровителство на оваа културна установа и кавадаречката локална самоуправа.
Директорот на Музејот, Јаким Зимоски изрази задоволство поради изложбата на која учествуваа реномирани автори. Тој најави дека во иднина во соработка со локалната самоуправа, треба да се определат локации за овие скулптури.
Трајче Цветков, виш кустос историчар на уметност во музејот, рече дека станува збор за навистина исклучителен настан, на кој се презентираат скулптури изработени во безвременски материјали, дрво и метал.
– Откриваме колекција на скулптури што ја отелотворуваат хармоничната интеракција помеѓу органското и индустриското. Овие вајарски дела не само што ја прикажуваат техничката вештина на уметникот, туку и покануваат да ги истражиме подлабоките врски помеѓу природата и човечката изработка, истакна Цветков.
Тој подвлече дека скулпторите маестрално ја доловија топлината и текстурата на дрвото како и цврстината и крутоста на железото.
– Овие скулптури елоквентно ја доловуваат напнатоста и рамнотежата помеѓу природниот свет и вештачкото. Делата предизвикуваат чувство на движење и трансформација, како материјалите да се вклучени во динамичен дијалог кој постојано се развива. Способноста на уметникот да ги спои овие елементи создава визуелно и тактилно искуство кое истовремено е заземјувачко и оживувачко, посочи тој.
Притоа порача додека се разгледува изложбата, да се забележат сложените детали и внимателната интеракција помеѓу материјалите.
– Секоја скулптура е доказ за длабокото разбирање на уметникот за вродените својства на дрвото и металот и нивната способност да создадат кохезивен и привлечен наратив преку нивниот контраст и синергија. Овие дела повикуваат да размислиме за односот помеѓу природата и индустријата и како вкрстувањето на овие елементи може да доведе до нови форми на убавина и изразување. Иновативниот пристап на вајарите ги предизвикува нашите перцепции и охрабрува да ги видиме познатите материјали во ново светло, додаде Цветков.
Тој истакна дека овие скулптури не се само уметнички дела, туку се длабоки рефлексии на материјалите и нивната интеракција.
Во рамките на настанот, Зимоски, во името на вработените во Музеј галеријата, се заблагодари за општинското признание во чест на 80 години од ослободувањето на градот.