Принцезата Кејт се врати на службените обврски по хемотерапијата



Принцезата Кејт, односно Кетрин Мидлтон, присуствуваше на средба за детството во Виндзор во вторникот, враќајќи се на официјалните обврски неколку дена по завршувањето на хемотерапијата.

Сопругата на принцот Вилијам, наследникот на британскиот трон, повторно е во официјалниот извештај за обврските на кралското семејство, првпат по 9 септември, кога преку видео порака објави дека завршила со хемотерапија.

„Принцезата од Велс… одржа состанок за детството во замокот Виндзор попладнево“, се вели во извештајот објавен во вторникот вечерта.

Според британските медиуми, ова е прва официјална активност на 42-годишната принцеза оваа година, чиј работен распоред ќе биде релаксиран некое време.

Принцезата Кејт ненадејно се повлече од очите на јавноста по Божиќ 2023. Таа беше хоспитализирана во јануари на абдоминална операција и во март објави дека боледува од рак, но не кажа од каков вид.

Таа првпат повторно се појави во јавноста на 15 јуни на роденденската парада на кралот Чарлс Трети. Таа ја поздрави толпата од балконот на Бакингемскиот дворец заедно со кралското семејство.

Потоа, на почетокот на јули беше на финалето на Вимбелдон, каде му го врачи трофејот на победникот, Шпанецот Карлос Алкараз.

Објавувајќи на 9 септември дека завршила со хемотерапија, Кејт рече дека сака „брзо да се врати на работа и да продолжи со јавниот ангажман во наредните месеци кога ќе можам“.

- Реклама -