Проблем со независноста

„Почитувани граѓани, во недела, со почеток во 11 часот, дојдете заедно да го одбележиме Денот на независноста – 8 Септември 🇲🇰, под мотото ’Боите на независноста’, во Градскиот парк, пред Школка“, повикаа Владата и премиерот Зоран Заев. Меѓутоа, не е баш најјасно чија независност ќе се слави, ќе речат „злобните јазици“, бидејќи ниту во промо-видето, ниту во настанот (евентот) на Фејсбук, ниту во соопштението на сајтот на Владата линкувано во евентот, не се споменува името (читај: ниту едно име) на државата.

Хинт е, на пример, тоа што е наведено дека поканата доаѓа од Владата на Република Северна Македонија, како и дека на Школка во Градски парк ќе се обрати претседателот на Владата на Република Северна Македонија. Но од друга страна, збунувачки е, ќе речат истите „злобни јазици“, повикот до граѓаните да се украсат со својата омилена боја. Да, самоукрасувањето со боја по желба дефинитивно е дел од независноста, но истото би требало да важи и за слободата да се каже името на државата (кое и да е), ќе заклучат тие:

„На 8 септември, на Денот на независноста, украсете се со вашата омилена боја. Нека биде црвена, сина, жолта, портокалова, зелена, розева… Нека бидат боите на слободата, на радоста и убавината. Исто како што боите ја преплавија нашата татковина, кога во 1991-та ја прогласивме нашата независност“, порачаа од Владата.

Прочитајте и:  Мицкоски: Кога ќе имаме потреба од 80 гласа во Парламентот, ќе се покаже кои се пратениците

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, се разбира, не пропушти да шутне ваков пенал (дали го погодил, оставаме на читателите):

„Зарем стигна дотаму да нѐ стигматизираат нас, да нѐ замолчуваат нас кои што едногласно ќе го кажуваме името Македонија. Денеска секој оној кој ќе крене глава и ќе се бори за своите правдини, има опозициони ставови, не го негува и почитува ликот и делото на Зоран Заев, завршува во истражниот затвор Шутка. Срам е ова. Голем срам. Па јавно да го прашам Зоран Заев: Чија независност славиш? На која земја се слави независноста на 8 Септември? Ама да одговориш и што одлучија граѓаните на тој 8 Септември? Зарем толку е страшно, зарем толку е тешко да се каже дека на тој 8 септември огромен број граѓани одлучи да живее во независна, суверена Република Македонија?“, прашува Мицкоски, посочувајќи го и спотот на Владата за Денот на независноста:

- Реклама -