Со проевропска Влада како сегашната, до 2030-та ќе станеме членка на ЕУ, смета Ковачевски

„Република Северна Македонија ќе стане земја членка на ЕУ. Со проевропска влада како оваа што ја предводи СДСМ во брзи рокови до 2030 година ќе бидем членка на ЕУ“, рече премиерот Димитар Ковачевски на денешната собраниска седница одговарајќи на пратеничко прашање.

Ковачевски посочи дека според анкета објавена вчера, 80 проценти од граѓаните се за членство во ЕУ.

– И натаму се движиме и таму и ќе бидеме, рече премиерот.

Според него, досега не сме имале појасен заклучок од Европскиот совет од овој што го имаме сега.

-Заклучокот е еден параграф и во него се вели дека Република Северна Македонија успешно го заврши процесот на скрининг, останува да ја заврши својата обврска за амандамни на Уставот и без одлагање и без дополнителни одлуки Европскиот совет ја закажува втората меѓувладина конференција на која што се отвораат поглавјата. Тоа е најчистиот заклучок кој кога било нашата држава го има добиено во Брисел и нема никакви дополнителни барања, повтори Ковачевски пред пратениците.

Во овој геополитички момент, како што наведе, и ние сме и потребни на ЕУ, бидејќи е потребна стабилност на европскиот континент во светло на војната која што се води во Украина.

-И сега е моментот на заеднички интерес кога ЕУ има потреба од нас, и кога ние имаме потреба од неа, вели Ковачевски кој беше дециден дека оваа уникатна шанса ќе се реализира.

Осврнувајќи се на Планот за раст на ЕУ рече дека овој инструмент за поддршка на Западен Балкан се состои од две милијарди евра грантови и четири милијарди концесиски заеми, гарантирани од ЕУ и со пониски каматни стапки. Од нив државава може да користи околу една милијарда евра.

– Заедничка цел со ЕУ е до април 2024 да се направи првиот трансфер во Република Северна Македонија за спроведување на реформи, и за вклучување во програми во кои досега не сме биле вклучени, рече премиерот.

Прочитајте и:  Филипче по средбата со Сиљановска Давкова: Искрено посакувам ова да биде еден политички дијалог кој ќе стане пракса

Блокада нема да дозволиме, додаде Ковачевски потенцирајќи тие што ќе блокираат треба да се тргнат од патот или ќе бидат тргнати од граѓаните.

Премиерот попладнево во Собранието кажа и дека инфлацијата за една година е намалена на 3 проценти од 19 колку што беше лани, нето платата во октомври изнесува 39.000 денари што е зголемување од 18 проценти во однос на истиот месец минатата година.

– И не само што го исполнивме даденото ветување за 500 евра месечна плата туку и го надминавме за 150 евра една година порано во однос на она што беше ветено, со тоа просечната плата е за 300 евра повисока во однос на она што беше во 2016 година, рече Ковачевски.

Според него, нето платите во образованието од 2016 до 2023 во просек се зголемени за 40 до 50 проценти, во полицијата од 2017 до 2023 за 35 проценти, а се исплатени се и шест бонус плати за одработени дополнителни часови, во одбраната професионален војник во 2010 година примал плата од 19.000 денари, во 2016 година 22.000, а во 2023 година 46.000 денари со станарина, офицер полковник во 2023 – 75.842 денари… Основна плата на лекарите специјалисти е зголемена за 40 проценти, на медицинските сетри помеѓу 20 и 30 проценти…, корегиран е и коефициентот и за дежурствата, пензиите пораснаа за 6.000 од 2016 година.

Ковачевски исто така посочи дека пред десетина дена со одлука на Влада, 32,5 милиони евра беа прераспределени за 66 проекти од 44 општини. Градоначалниците веќе ги потпишаа договорите.

-Тоа се пари од граѓаните за граѓаните, рече Ковачевски.

- Реклама -