Промоција на книгата „Ако се осмелиш…(Р)еволуција на жената” од Билјана Велковска

На први јуни, во Бифе Тафталиџе, со почеток во 12 часот, ќе се случи промоција на книгата „Ако се осмелиш…(Р)еволуција на жената” од Билјана Велковска, филолог по компаративна книжевност, магистер по психологија и инструктор за терапевтско пишување. За книгата ќе зборува Татјана Димовска-Атанасова, а 50 отсто од средствата од продажбата ќе бидат донирани во хуманитарни цели. 

Станува збор за прва стихозбирка на Велковска чија цел е да биде поттик и инспирација за личен развој, за патот до едно среќно и исполнето „јас”.

Содржи осумдесетина топли, искрени, инспиративни и поучни песни-светилници за патот до себеси и до радоста на секоја жена, песни што се кристализација на личното и на професионалното искуство на авторката.

Прочитајте и:  Промоцијата на публикација „ДОКОЛКУ ПОСТОИ ПРИКАЗНАТА: Обид за децентрализација на знаењето“ во Центар Јадро

Авторката Велковска зад себе има објавено две книги од областа на психологијата -„Психосоматика – емоции што разболуваат и лекуваат“ (2019) и „Умешност на лутината – мал водич за голема лична моќ“ (2022), двете изданија на „Арс Ламина“.

Во поговорот стои: „Ако се осмелиш“ се случи неочекувано и непланирано, како што ми се чини се случуваат едни од најдобрите нешта во нашите животи… Песните во неа се плод на една лична, интимна трансформација во текот на една тешка година, па оттаму и поднасловот „(Р)Еволуција на жената“… Пишувани се со надеж дека ќе бидат утеха и патоказ, поттик и инспирација за нечија, можеби за вашата, лична трансформација…“

- Реклама -