Во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје денеска во 12 часот ќе биде промовирана книгата „Дни, години“ од Димитар Башевски, издание на „Слово“. За делото Башевски ја доби наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга за 2023 година на Струшките вечери на поезијата.
На промоцијата ќе говори Иван Додовски, а стихови ќе интерпретира актерот Андреј Серафимовски.
„Станува збор за книга со длабоки животни промислувања кажани преку наизглед едноставен поетски јазик. Димитар Башевски сведочи дека неговите поетски вертикали, чии корени се во минатиот век, и натаму се одликуваат со творечка виталност, со жив и сочен поетски говор и со сугестивен и актуелен тематско поетски простор. Притоа тој мајсторски се потпира на досега стекнатото творечко искуство“, напиша комисијата.