Промоција на „Невидливи љубови“ од Владимир Јанковски

Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје со големо задоволство ја најавува промоцијата на новиот роман на Владимир Јанковски, Невидливи љубови, која ќе се одржи на 10 ноември 2015 година во Галеријата при МКЦ, со почеток во 20.30 часот.

Промотор на делото ќе биде македонскиот писател Влада Урошевиќ, а целиот настан ќе го модерира Иван Шопов. Делови од романот ќе читаат Николина Андова-Шопова и Владимир Мартиновски. Во рамки на промоцијата ќе се одржи и разговор со авторот.

Невидливи љубови е составен од три приказни, во кои авторот преиспитува некои од клучните аспекти на современата љубов: односот меѓу присуството и отсуството, опседнатоста со појавното и со видливото, идејата за Другиот како конструкција и како фикција. Како се однесува кон девојката што ја сака некој кој може да се преобразува во предмети? На кој начин сака човек опседнат со набљудување? Што прави оној кој, секогаш кога ќе се доближи до девојката во која е вљубен, станува невидлив? Ова се само дел од клучните прашања во романот.

unnamed

Две нетипични бајки за возрасни премостени со една филмски раскажана приказна, во кои како во музичка композиција идеите варираат, се надополнуваат, си противречат или течат паралелно една покрај друга. Бајковидните елементи се комбинирани со речиси сирово реалистички описи и токму во тој спој лежи еден од најпривлечните елементи на текстот. Романот е објавен со поддршка од Министерството за култура на Република Македонија.
Невидливи љубови е втор роман на Владимир Јанковски, кој досега ги објавил книгите: Огледало за загатката (2003, разговори со Влада Урошевиќ), Скопје со широко отворени очи (2008, фотоесеј, заедно со фотографот Иван Блажев), Лицата на невидливиот град (2010, фотоесеи, заедно со фотографот Иван Блажев), Вечно сегашно време (2010, роман). Освен како писател, тој на книжевната сцена е присутен и како преведувач, па на македонски јазик превел книги од: Дубравка Угрешиќ, Ијан Мекјуан, Сузан Сонтаг, Џон Фанте, Маргарет Етвуд, Филип Дик, Чарлс Буковски и др.

- Реклама -