Првата жена што самостојно го прелета Атлантскиот Океан, Амелија Ерхарт, е една од најмистериозните личности во модерната историја на човештвото. При нејзиниот обид да го обиколи светот со авион, таа исчезна и две години подоцна беше прогласена за мртва. Денес, научниците мислат оти го нашле местото каде што таа го завршила својот живот.
На еден од малите и пусти острови во јужниот дел од Пацификот, пронајдени се три фрагменти од коски. Се верува дека истите потекнуваат од легендарната Амелија Ерхарт, со оглед на тоа што локацијата на островот се поклопува со патеката на летање по која таа се движела при последниот лет, во 1937 година. Сомнежите дополнително ги подгреваат и неколкуте артефакти најдени недалеку оттаму: стари шминки, стаклени шишиња и отворени школки.
Научниците велат оти не постојат гаранции дека се работи за вечното почивалиште на можеби најхрабрата жена на своето време, и дека истото ќе мора да биде потврдено со ДНК тестирање. Доколку се потврди дека се работи за коските на Ерхарт, тогаш ќе знаеме оти таа својот живот го завршила заробена на пуст остров, во потполна самотија. Таа била прогласена за официјално мртва на 5 јануари 1939, година и пол по исчезнувањето на 2 јули 1937. Доколку ова е местото каде што се срушила, тогаш никој не може да знае до кога останала жива, во надеж да биде пронајдена и спасена.
Коските беа пронајдени на островот Никумароро, кој е дел од архипелагот Феникс, кој ѝ припаѓа на малата островска држава Кирибати. Можеби ќе поминат месеци пред да дознаеме дали сомнежите ќе бидат потврдени, но ова може да се покаже како огромен напредок во решавањето на една од најголемите мистерии од изминатиот век. [Bones found on island might be Amelia Earhart’s]