Антипротони се наоѓаат во прстен околу Земјата, заробени во земјиното магнетно поле. Антиматеријата, која опстојува од неколку минути до неколку часа пред да биде уништена во контакт со нормалната материја, во теорија би можела да биде искористена како гориво за ултра-ефикасни ракети на иднината.
Наелектризираните честички наречени космички зраци постојано се движат низ вселената, создавајќи голем број нови честички – вклучително и античестички – при судир со честички во атмосферата. Голем дел од овие честички остануваат заробени во Ван Аленовите радијациони појаси, две зони со форма на тор околу планетата каде што наелектризираните честички се движат околу линиите на магнетното поле на Земјата.
Сателити веќе имале откриено позитрони – антиматерискиот партнер на електроните – во радијационите појаси. Сега едно вселенско летало открило и антипротони, кои се речиси 2000 пати помасивни. Потешките честички имаат поширока орбита кога се движат околу магнетните линии, а послабите магнетни линии водат кон уште пошироки орбити. Ова значи дека релативно тешките антипротони кои патуваат околуслабите магнетни линии во надворешниот дел од радијациониот појас имаат толку широки орбити што набрзо влегуваат во атмосферата, каде што се уништуваат во контакт со нормалната материја.
За внатрешниот појас се верувало дека има доволно силно магнетно поле кое би можело да зароби антипротони, и всушност истите биле откриени токму таму. Пјерџорџио Покоза од Универзитетот од Рим Тор Вергата во Италија и неговите колеги ги откриле антипротоните со помош на PAMELA, детектор за космички зраци поставен на руски сателит кој ја набљудува Земјата. Леталот се движи низ внатрешниот радијационен појас на Земјата над јужниот дел од Атлантскиот Океан.
Помеѓу јули 2006 и декември 2008 година, PAMELA открила 28 антипротони заробени во спирални орбити околу магнетните линии кај јужниот пол. PAMELA набљудува само мал дел од внатрешниот радијационен појас, но антипротоните најверојатно се заробени во неговата цела површина. „Зборуваме за милијарди честички“ вели Франческо Кафања од Универзитетот од Бари, еден од членовите на тимот.
„За мене е многу интересно што земјиното магнетно поле работи слично како и магнетните стапици кои ги користиме во лабораторијата“, вели Ролф Ландуа од CERN. Таму, истражувачите се обидуваат да заробат антиматерија за што е можно подолго време за да го споредат нејзиното однесување со нормалната материја. Алесандро Бруно, уште еден член на тимот од Бари, вели дека антиматеријата во земјините радијациони појаси еден ден би можела да биде употребена како гориво за вселенски летала.
Ракетите во иднината би можеле да бидат напојувани од реакции помеѓу материја и антиматерија, реакција која произведува енергија на поефикасен начин дури и од нуклеарната фузија во јадрото на Сонцето. „Ова е најбогатиот извор на антипротони во близина на Земјата“, вели Бруно. „Којзнае, еден ден вселенско летало би можело да биде лансирано, да наполни гориво во внатрешниот радијациски појас пред да тргне кон својата дестинација.“ Милиони или дури и милијарди пати повеќе антипротони се најверојатно присутни во магнетните полиња на џиновските планети. [Antiproton ring found around Earth]