Македонската ракометна репрезентација вечерва во 20:30 часот ќе се соочи со Хрватска во Пореч, каде што ќе го одигра својот прв контролен натпревар во рамките на подготовките за Европското првенство 2026. Под водство на селекторот Кирил Лазаров, тимот веќе трет ден интензивно работи во Хрватска, завршувајќи ја втората фаза од подготовките.
Според првичниот договор со домаќинот, ќе биде одигран само еден натпревар, а по него македонската екипа ќе продолжи со тренинзи во Пореч за дополнителни два дена. Во Хрватска на подготовки се 20 играчи.
По краткиот одмор за Новогодишните празници, репрезентацијата ќе се врати во Скопје, каде што ќе ги продолжи подготовките, а ќе им се придружи и голманот Мартин Томовски, кој во моментов има обврски во Бундес лигата.
Пред почетокот на шампионатот, македонските ракометари ќе учествуваат на турнир во Швајцарија, каде што ќе одиграат три натпревари против домаќинот, Бахреин и Украина. На Европското првенство, Македонија ќе се натпреварува во група со Данска, Португалија и Романија.




