Дебатата започна со ракување на двајцата кандидати на иницијатива на Камала Харис, која му пријде на Трамп, му подаде рака и се претстави. Трамп го прифати ракувањето
Првата и потенцијално единствена претседателска дебата меѓу претседателските кандидати на Републиканците и Демократите, Доналд Трамп и Камала Харис, се одржа синоќа во Филаделфија.
Дебатата започна со ракување на двајцата кандидати на иницијатива на Камала Харис, која му пријде на Трамп, му подаде рака и се претстави. Трамп го прифати ракувањето.
Kamala walked over to Trump to give a handshake. #Debatenight #debate #TrumpHarrisDebate pic.twitter.com/WiXVS3uc34
— Breaking News (@TheNewsTrending) September 11, 2024
Kамала Харис, која е актуелна потпоретседателка на САД, истакна дека Трамп и таа имаат две „многу различни“ визии за Америка. Таа кажа дека е фокусирана на иднината, а Трамп е фокусиран на минатото.
„Не се враќаме назад. Можеме да трасираме нов пат напред“,
рече Харис.
Републиканскиот кандидат и експретседател на САД, Доналд Трамп, пак, ја обвини актуелната американска потпретседалка дека во годините додека е на власт не направила ништо од политиката за која се залага.
„Не можеме да ја жртвуваме нашата земја заради лоша визија. Ние сме народ кој пропаѓа и кому му се смеат низ целиот свет“,
рече тој.
Дебатата беше отворена со прашања за економијата.
Харис рече дека е „израсната како дете од средната класа“ и дека ќе биде фокусирана на создавање „економија на можности“. Остро го критикуваше Трамп за политиката за која рече дека ќе ги зголеми трошоците за Американците. Трамп го отфрли тоа и рече дека ќе се фокусира на царините за увоз од странски земји.
Тој брзо го префрли својот фокус на имиграцијата, велејќи дека луѓето „се влеваат во земјата“. Во првите три години од мандатот на Бајден, според тврдењата на Трамп, во САД влегле над 20 милиони илегални мигранти.
Зборувајќи за ова, Трамп обвини дека криминалци од многу земји влегле во САД во периодот на администрацијата на Бајден и Харис, тврдејќи дека има нов вид на криминал, „имигрантски криминал“.
Харис, пак, ги оцени обвинувањата за невообичаени оти доаѓаат од човек кој е обвинет за 32 кривични дела.
„За овие избори, важно е да свртиме нова страница и да се фокусираме на сериозните прашања за цените на становите и храната“,
рече Харис, префрлајќи го фокусот од прашањето за имиграцијата.
Како и Бајден, Харис го критикуваше Трамп за наследството од неговиот прв мандат, за управувањето со економијата и одговорот на пандемијата на коронавирус.
Прашањето за абортусот беше една од главните точки – тема за која бројни американски аналитичари сметаат дека би можела да има поголемо влијание на исходот на гласањето во ноември дури и од економијата, прашањето со имигрантите и надворешната политика.
Запрашан да го разјасни својот став за абортусот, републиканскиот кандидат прво ги обвини демократите дека сакаат да дозволат абортус во деветтиот месец од бременоста, велејќи дека конкретно за ова се заложил демократскиот кандидат за потпретседател Тим Валц.
Харис, пак, го обвини Трамп дека назначил тројца судии од Врховниот суд кои го поништиле правото на нацијата на абортус пред две години. На овој начин, како што рече, на жените им се забранува пристап до здравствена заштита, додека на лекарите во некои земји им се заканува доживотен затвор.
Во однос на војната во Украина, Трамп рече дека доколку тој останел претседател немало да дозволи започнување на војната. Ги обвини Бајден и Харис оти ѝ дозволиле на Америка да ја финансира војната значително повеќе од ЕУ. На прашањето дали сака Украина да победи во војната, Трамп рече дека сака да ја прекине војната.
На ова, демокртската кандидатка Харис рече:
„Да беше Трамп претседател, Путин сега ќе седеше во Киев, со поглед кон Полска и остатокот од Европа.“
A, Tрамп возврати:
„Путин би седел во Москва, посреќен отколку што е сега.“
Во завршните зборови од дебатата, Камала Харис вети дека ќе биде претседател на сите Американци и ќе ги намали трошоците. Трамп, пак, ја обвини дека за три и пол години во Вашингтон воопшто не направила ништо, предупредувајќи дека влијанието и угледот на Америка во светот полека се намалуваат.