Првата српска реклама: Кога „Калодонт“ се купуваше во „Кај цар Душан“

reklama

Ова е првата реклама снимена во Србија, и датира од 1926 година, уште од време на Кралството Југославија. Во конкретниов случај се работи за реклама за забната паста „Калoдонт“, долга 8 минути.

Побизарна реклама може и да не сте гледале.

Приказната е сместена во Белград, а се случува во едно жешко лето, впрочем какви што се сите лета во Белград (според рекламата). Главните ликови се двете пријателки белграѓанки – Наталија и Милица. Наталија е заводницата, со кратка косичка и блескава насмевка со бисерни заби, таа по која се вртат сите најубави момци (барем по тројца во исто време) и која била избрана за најубава девојка на плажата.

Од друга страна, Милица е постојано осамена и тажна, а „има толку многу љубов за давање“. Да, звучи патетично, но во рекламата е прикажано сто пати полошо. Милица е нашминакана со црно околу очите, има пуцвал фризура (од оној југословенскиот што ич не е секси), проретчени заби, седи сама под дрво и плаче, халуцинира дека гушка згоден дечко, а и кога некој од мажите (ни приближно убави како тие на Наталија) ќе ѝ се приближи, во истиот момент бега што подалеку.

И по некои 6 истрпени минути во рекламата, Милица конечно решава да ја праша Наталија за совет, што притоа е проследено со очајно и долго плачење. Советот е, нормално, паста за заби Калодонт. Во следната сцена, Милица оди во „апотеката“ со име „Кај цар Душан“ и купува една туба од фамозната паста. Веќе во следната, седи заедно со Наталија на плажата, со куп момци (од тие згодните) што се обидуваат да ѝ го освојат срцето (полно со љубов за давање).

Искрено, рекламава направи да почнам да ги сакам овие денешниве – кратки (да да, озбилен сум), живи и колоритни… па макар и оние со забрзан говор на крајот, кога спикерот мора да го прочита целиот дисклејмер за 5 секунди, од кој ние разбираме само „Препорачано од експертите“.

Како и да е, Калодонт со децении беше еден од најславните југословенски брендови, до толку популарен што денес уште има луѓе што викаат викаат „каладонт“ наместо паста за заби, без разлика за кој бренд се работи, исто како што викаат „еурокрем“ за чоколаден крем, макар бил и Нутела.

З.П.

- Реклама -