Неделава Норвешка ќе почне да ги гаси FM радио станиците во некои области, а планот е до крајот на годинава да бидат изгасени сите FM станици. Информацијата доаѓа од самата норвешка влада, а ја пренесе CNN.
Но не дека Норвешка ќе остане без радио. Напротив, земјата преминува од FM на дигитално радио, наречено DAB, ем бидејќи дигиталната опција нуди повеќе канали и подобар аудио квалитет, ем затоа што ќе им овозможи на радио станиците значително да ги намалат трошоците.
„Главната причина што Норвешка е првата во светот (што ќе се откаже од FM радио станици) е поврзана со норвешкиот рејлеф, кој вклучува длабоки фјордови, високи планини и расфрлани населени места. Од тие причини, одржувањето на мрежата од FM радија во Норвешка е исклучително скапо во споредба со другите земји“, објасни владата.
Според нивните пресметки, со елиминацијата на FM сигналот и преминот кон дигитално радио, радио станиците ќе заштедуваат над 200 милиони круни (23.5 милиони долари) годишно. Тоа пак, од друга страна, ќе им овозможи да инвестираат во повеќе и поквалитетна радио содржина.
Владата не очекува работните места во станиците да бидат директно засегнати од одлуката, освен можеби позитивно, бидејќи радијата ќе продолжат со емитување, и притоа со повеќе буџет. Исклучок ќе биде направен само за некои многу мали локални радио станици, на кои ќе им биде овозможено да продолжат да емитуваат на FM фреквенции.
Како и да е, критичарите тврдат дека откажувањето од FM радио-сигналите може да остави два милиони автомобили без радио врска, со што би се создал ризик по безбедноста на патиштата (во лоши временски услови, на пример). Норвешката радио асоцијација пак, предупреди дека трошоците за купување на нови радија ќе се одразат лошо врз корисниците.
Дополнително, анкетата објавена во таблоидот Dagbladet покажува дека две третини од учесниците се противат на принудното гасење на FM фреквенциите. Норвешка има население од околу 5.2 милиони жители. Околу 70% од домаќинствата веќе имаат DAB радија, соопштува сајтот Radio.no.
Едно е сигурно, процесот ќе биде будно следен од Велика Британија, бидејќи и таму исто така размислуваат за премин од FM кон дигитално радио.