Крцкавите смартфони и похуваните ајпади се само дел од деликатесната серија пржени гаџети на уметникот Хенри Харгривс, насловена Deep Fried Gadgets. Тој вели дека црпел инспирација од едно вирално видео кое прикажува Јапонец што го пржи својот Sony PSP и потоа се обидува да го изеде.
– Се интересирам за пресеците меѓу различните културни правци, односно резултатот од спојот на две работи кои самостојно веројатно никогаш не би се вклопиле заедно – вели Харгривс за Sudney Morning Herald.
Во технолошките уреди што нашле место во „фритезата“ на овој фотограф од Њујорк се вбројуваат и Мекбук, ајфон и надворешен хард-диск. Од безбедносни и парични причини тој направил домашни копии на оригиналните уреди.
– Навистина не горев од желба да дознаам што би се случило ако ставите литиумска батерија во загреано масло на 200 степени целзиусови – се пошегувал тој за Sudney Morning Herald.
Тој изјавил дека умее да ја види природната врска меѓу технологијата и брзата храна, кои доминираат во нашите животи. Како вистински пример ја посочува хистеријата која настанува кога се очекува нов производ од Apple.
– Луѓето се однесуваат како сета нивна животна среќа да зависи од новиот уред што мора да се купи – додал фотографот за Sudney Morning Herald.