Путин: САД и Европа ги кријат сопствените грешки зад санкциите против Русија

Москва, 10 март 2022 (МИА) – САД се обидуваат да го измамат сопственото население криејќи се зад Русија, затоа што испораките на руска нафта за САД се незначителни, изјави рускиот претседател Владимир Путин.

„Испораките на руска нафта на американскиот пазар не надминуваат три проценти. Ова е незначителна сума. Тие рекоа дека го запираат увозот на руска нафта на американскиот пазар, цените таму се високи, инфлацијата е без преседан и веројатно ќе достигне историски максимум. Тие се обидуваат да нѐ обвинат за резултатите од сопствените грешки“, изјави шефот на руската држава, пренесува Бгнес.

„Ние немаме ништо со тоа. И ова нема никаква врска со забраната за увоз на руска нафта. Тие само ги користат овие решенија како покритие за уште еднаш да го измамат сопственото население“, рече тој на состанок со членовите на руската Влада.

САД се обидуваат да потпишат енергетски договори со Иран и Венецуела, „против кои самата Америка воведе незаконски санкции“, рече рускиот претседател.

„Тие се обидуваат да постигнат договор со земјите против кои самите воведоа незаконски ограничувања. Тие се подготвени да се помират со Иран и веднаш да ги потпишат сите документи. И со Венецуела исто така. Тие отидоа во Венецуела да преговараат со нив. Но немаше потреба да се воведат овие нелегитимни санкции“, рече тој на состанокот.

„Истото ќе се случи и во односите со нашата земја. И во тоа не се сомневам“, рече рускиот претседател.

Прочитајте и:  Руска пратеничка: Бајден ризикува трета светска војна

Тој додаде дека „повиците на непријателските држави до нивните граѓани да се облечат потопло и обвинувањата против Русија за ситуацијата изгледаат чудни, особено што Русија ги исполнува сите свои енергетски обврски“.

„Што се однесува до земјите кои преземаат непријателски чекори против нашата земја и економија, јас и вие многу добро знаеме – тие ги повикуваат своите граѓани да го стегнат ременот и да се облекуваат потопло. И ги посочуваат санкциите што ни ги воведуваат како причина за влошување на ситуацијата. Сето ова изгледа многу чудно, особено што ги исполнуваме сите наши обврски. Би сакал уште еднаш да нагласам дека ги исполнуваме сите наши обврски во однос на снабдувањето со енергија“, рече Путин на состанокот со членовите на руската влада.

Русија, заедно со своите партнери кои не ги признаваат западните санкции, ќе најдат решение за сите проблеми што се обидуваат да ги создадат, убеден е рускиот претседател Владимир Путин, пренесува Бгнес.

„Но, ние, заедно со нашите партнери – со оние кои не ги признаваат овие незаконски дејствија – сигурно ќе најдеме решенија за сите проблеми што тие се обидуваат да ни ги создадат“, рече тој.

Путин, меѓу другото, ја поддржа и идејата за воведување надворешно управување за компаниите кои се повлекоа од рускиот пазар.

- Реклама -