Путин и Си: Состанокот ги продлабочува пријателските односи меѓу Кина и Русија и испраќа порака до Западот

Претседателите на Русија и Кина, Владимир Путин и Си Џинпинг денеска заклучија дека нивната средба во Москва е можност двете земји да го продлабочат „пријателството без граници“ и да испратат силна порака до западните лидери дека нивните напори да ја изолираат Москва поради војната во Украина не успеаја.

На почетокот на средбата, Путин му честита на Си за неговиот реизбор за претседател и рекол дека е „малку љубоморен“ на фактот што во последните неколку години Кина направила „колосален чекор напред во својот развој што предизвикува вистински интерес ширум светот“, пренесува Бета.

Рускиот лидер истакна дека во изминатите 10 години трговскиот промет на двете земји е повеќе од двојно зголемен. Тој исто така рече дека Москва е запознаена и ја почитува кинеската иницијатива за мирно решавање на конфликтот во Украина и дека за тоа ќе разговара со Си.

Си на средбата рече дека „кинеската страна високо ги цени односите со Русија, кои имаат историска логика“. Тој му се заблагодари на Путин што „позитивно го оцени развојот и изградбата на Кина“ и што продолжи да го поддржува Пекинг.

„Во светот кој станува сè повеќе мултиполарен, САД и нивните сојузници не беа во можност да изградат широк фронт против Путин. Додека 141 земја ја осудија Москва на гласањето во Обединетите нации на првата годишнина од влегувањето на руските трупи во Украина, неколку членки на Г-20, меѓу кои Индија, Кина и Јужна Африка останаа воздржани“, рече Си.

Прочитајте и:  Бајден одобри противпешадиски мини за Украина со цел да се запре рускиот пробив

Коментирајќи ги претстојните претседателски избори во Русија во 2024 година, кинескиот лидер рече дека е уверен оти рускиот народ ќе продолжи да го поддржува Путин „под чие цврсто водство Русија се развиваше и напредуваше“.

Во интервју за кинеските медиуми пред средбата, Путин ја опиша посетата на Си како „значаен настан“ кој ја потврдува посебната природа на руско-кинеското партнерство и испраќа порака до Вашингтон дека двете земји не ги прифаќаат неговите обиди да ги ослабне.

„Политиката на САД за истовремено одвраќање на Русија и Кина, како и на сите оние кои не ги почитуваат американските диктати, станува се пожестока и поагресивна“, рече рускиот лидер.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен оцени дека денешната посета на кинескиот претседател Си Џинпинг на Москва, откако Меѓународниот суд на правдата издаде налог за апсење на Путин, сугерира дека Пекинг не мисли дека Кремљ треба да одговара за злосторствата во Украина.

„Светот не треба да биде измамен со каков било тактички потег на Русија, поддржан од Кина или која било друга земја, за да ја замрзне војната по свои услови“, рече Блинкен, пренесува Би-би-си.

За утре е закажана средба на кинескиот лидер со рускиот премиер Михаил Мишустин, а предвидени се и официјални разговори во проширен формат со Путин и членовите на руската влада.

МИА

- Реклама -