Путин унапреди висок затворски функционер неколку дена по смртта на Навални, распишана и потерница по неговиот брат

Рускиот претседател Владимир Путин унапреди висок затворски функционер неколку дена по смртта на водечкиот опозициски лидер Алексеј Навални, јави ДПА.

Заменик-шефот на Федералната казнена служба (ФСИН) Валери Бојаринев беше унапреден во чин генерал-полковник во Министерството за внатрешни работи.

Директорот на Фондот за борба против корупцијата, организацијата основана од Навални, на Телеграм напиша дека Бојаринев е лично одговорен за тортурата на опозиционерот во затворот.

„Ова треба да се сфати како отворена награда од Путин за тортурата“, рече Иван Жданов.

Според него, новоименуваниот генерал-полковник бил одговорен за последователно вознемирување на Навални.

За унапредувањето на Бојаринев денеска се дозна по објавувањето на соодветниот претседателски декрет во правната база на податоци на Кремљ. Покрај него, во чин генерал се унапредени уште тројца полициски службеници.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, негираше каква било поврзаност помеѓу смртта на Навални и унапредувањата.

Алексеј Навални почина на 16 февруари во регионот Јамало-Ненец на далечниот руски север, каде служеше затворска казна за измама, непочитување на судот и кршење на условната казна.

Прочитајте и:  Путин со обраќање до нацијата: Конфликтот доби глобален карактер

Во меѓувреме, руската државна новинска агенција објави дека распишана е потерница по братот на Алексеј Навални – Олег Навални. Како што е наведено, против него е отворена нова кривична постапка и дека руските власти трагаат по него.

Во 2021 година, Олег беше осуден на условна казна од една година затвор за кршење на ограничувањата за ковид. Тој беше осуден затоа што во јануари 2021 година ги повика Русите на социјалните мрежи да учествуваат на собир за Алексеј.

Обвинителите тврдеа дека собирот е прекршување на санитарните и епидемиолошките правила, што можело да доведе до ширење на болеста. Олег отпатувал за Кипар истата година и никогаш не се вратил во Русија, според извештаите.

- Реклама -