Радев бара впишување на „сонародниците на Гоце Делчев“ во Уставот, одговорот од Ковачевски нема да му се допадне

„Раководството на Северна Македонија треба да ги убеди своите граѓани, а не Бугарија, дека гради демократска држава. Владата на Република Северна Македонија може да каже дека гради модерно мултиетничко општество кога ќе ги впише сонародниците на Гоце Делчев во својот Устав“, изјави бугарскиот претседател Румен Радев, со тоа алудирајќи дека Гоце Делчев бил Бугарин, откако изјавата на премиерот Димитар Ковачевски во Рејкјавик ја збесна Софија.

Премиерот Ковачевски, меѓутоа, му одговори на Радев речиси со иста мерка.

„Откако работната група за уставни измени ќе ги состави амандманите, наследниците на Гоце Делчев ќе ги вметнат сонародниците и наследниците на Радев во македонскиот Устав“, му порача премиерот на бугарскиот претседател.

Ковачевски додаде и дека амандманите кон Уставот се дел од Преговарачката рамка со ЕУ и, оттаму, според него, ние не преговараме со Бугарија.

„Ние преговараме со ЕУ, а не со Бугарија, и затоа сметам дека тоа е нешто што ќе тече како процес и е нешто што треба да се случи, со оглед на тоа што граѓаните заслужуваат да живеат во држава членка на ЕУ“, рече Ковачевски.

Прочитајте и:  Реслер: С. Македонија мора да направи конкретен чекор, но и ЕУ да ја сфати геополитичката димензија - во неа нема место за билатерални уцени

За амандманите односно уставните измени, Ковачевски потсети дека веќе се води дискусија во рамки на работната група, но изрази жалење што „во ниту еден важен процес не учествуваат претставници од опозицијата“.

За дополнителните барања за други уставни измени покрај вклучувањето на Бугарите (и другите народи), Ковачевски истакна дека негов личен став е дека приоритет се исполнување на обврските што произлегуваат од Преговарачката рамка, која, како што потсети, е прифатена од страна на Собранието со заклучоците за коишто гласаше и Алијанса за Албанците.

„Меѓутоа да видиме како ќе се одвива дискусијата. Сепак, сметам дека треба да се држиме до она што е приоритетно, а тоа е отворање на поглавјата и продолжување на патот на државата кон полноправно зачленување во ЕУ до 2030 година“, додаде премиерот.

Извор: МИА

- Реклама -