Радев: Колку повеќе Петков се придржува до официјалната бугарска позиција, толку повеќе ги слуша Бугарите и во Северна Македонија

Колку повеќе бугарската Влада се придржува до официјалната бугарска позиција изнесена во документите усвоени од бугарското Народно собрание и на последниот состанок на Консултативниот совет за национална безбедност (КСНБ), толку повеќе Владата на Кирил Петков го слуша гласот на Бугарите во Бугарија и во Северна Македонија, изјави бугарскиот претседател Румен Радев.

Изјавата на шефот на бугарската држава доаѓа откако Петков во петокот го повика да свика седница на советот за национална безбедност на тема Северна Македонија.

Во врска со тоа дали има промени во позициите на европските партнери и „дали има напредок во исполнувањето на Договорот за добрососедство од страна на Северна Македонија“, Радев истакна дека за овие прашања треба да чуе од премиерот и дека ќе почека прво да го слушне ставот на Петков. Радев не прецизираше дали ќе свика седница на Советот.

Прочитајте и:  Николоски: Бугарската страна да собере храброст да се одржи третиот состанок за изградбата на пругата

„КСНС е орган за помош во дијалогот и за барање на заедничко решение за важни национални прашања. Во однос на Република Северна Македонија, не само што има широк консензус, туку тој е силно изразен. Властите треба да се на чисто со ова. Доколку дијалогот во самата владејачка коалиција е нарушен, тоа треба јасно да се каже и да се посочат причините за тоа“, рече Радев.

Бугарскиот претседател изјави дека „ќе продолжи да работи во насока на почитување на правата на граѓаните со бугарска самосвест во Северна Македонија“. Според Радев, на Бугарија ѝ треба стабилност, транспарентност и принципиелно владеење.

Извор: МИА

- Реклама -