Радев: Нападот врз Пендиков е резултат на систематските кршења на правата на Бугарите во РСМ, ќе ги алармираме сите лидери и институции во ЕУ

Претседателот на Бугарија, Румен Радев, по повод физичкиот напад во Охрид врз Христијан Пендиков – секретар на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“, објави дека „категорично ги осудува систематските кршења на правата на Бугарите во Република Северна Македонија и всадувањето омраза кон нив“, од што, како што вели, „резултат беше нападот врз Бугаринот Христијан Пендиков во Охрид“.

„Декларираните амбиции за членство на Република Северна Македонија во Европската Унија и преземените заложби за реформи и зајакнување на демократските норми во земјата се разидуваат со реалноста во која живеат Бугарите кај нашиот југозападен сосед“, напиша Радев на Фејсбук.

Тој соопшти дека Бугарија е подготвена да организира воздушна евакуација на Пендиков и да обезбеди негово лекување и дека уште еднаш ќе го сврти вниманието на шефовите на држави и влади во Европската Унија, како и на европските институции и на Советот на Европа, кон прашањето за почитување на правата на Бугарите во Република Северна Македонија.

Прочитајте и:  Реслер: С. Македонија мора да направи конкретен чекор, но и ЕУ да ја сфати геополитичката димензија - во неа нема место за билатерални уцени

„Систематското кршење на нивните права беше основа на ставот на Бугарија дека европската интеграција на Република Северна Македонија треба да се заснова на вистински напредок во искоренувањето на јазикот на омраза кон Бугарија и Бугарите и почитување на правата на македонските Бугари“, додава Радев во објавата на Фејсбук.

Извор: МИА

- Реклама -