„Бугарија отсекогаш била отворена за дијалог со С Македонија и очекува тој не само да помогне во билатералното културно зближување и економската соработка, туку и преку него да се постигне решение за отворените прашања во нашите односи“, нагласил Радев на средбата
Бугарија очекува искажаната желба за дијалог и разбирање од страна на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова да стане конзистентна политика на Владата на Република Северна Македонија. Ова е ставот на бугарскиот претседател Румен Радев, објавен на официјалната претседателска веб-страница, по денешната средба со неговата македонска колешка.
Претседателката Сиљановска-Давкова денеска е во Бугарија по повод посетата на Националната опера и балет на РСМ, која во Софија ќе ја изведе операта „Набуко“ од Џузепе Верди.
На средбата, како што се вели во соопштението, претседателот Радев истакнал дека дијалогот на највисоко ниво меѓу двете земји треба да биде активен и да ја стимулира работата на владите, бизнисите, како и билатералната размена во областа на образованието, науката и културата.
„Бугарија отсекогаш била отворена за дијалог со С Македонија и очекува тој не само да помогне во билатералното културно зближување и економската соработка, туку и преку него да се постигне решение за отворените прашања во нашите односи“,
се додава во соопштението.
Радев нагласил дека за овие прашања мора да се одлучува врз основа на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, протоколите потпишани кон него и Заклучоците на Европскиот совет од летото 2022 година, усвоени едногласно од сите земји членки на ЕУ и прифатени од С Македонија.
Тој додал дека ова е начин да се отвори преговарачкиот процес за целосна европска интеграција на С Македонија, што, како што се додава, е во интерес на младите во земјата, и ќе биде позитивен знак за целиот регион.
Радев повикал и на многу поактивни заеднички напори од страна на двете држави за изградба на транспортниот Коридор 8, кој е опишан како проект од клучно значење за поврзаноста и безбедноста во Југоисточна Европа, што ќе создаде квалитативно нови услови за бизнис, туризам и поттикнување инвестиции на регионален план.
По средбата со Радев, Сиљановска-Давкова во изјава за медиумите рече дека со нејзиниот колега се обединиле околу ЕУ-интеграцијата, Копенхагенските критериуми, регионалниот пристап кон решавање на проблемите.
Сиљановска-Давкова додаде дека со Радев се согласиле и нашата земја да ги добие „научените бугарски лекции“ за да не ги повторува истите грешки во евроинтегративниот процес.
Според неа, се докажало дека кога се разговара со добра волја може да се направи голем исчекор за важни решенија.