Радев: Почитувањето на правата на Бугарите во Северна Македонија е предворјето за влез во ЕУ

Претседателот на Бугарија – Румен Радев, повика на почитување на правата на Бугарите во земјава, потенцирајќи дека тоа е „предворјето“ за нејзина интеграција во ЕУ.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, Радев ја коментираше и темата за уништените бугарски воени гробишта во земјава. Како што рече, случајот го истражуваат бугарското Министерство за надворешни работи и Министерството за одбрана, а, според него, уништувањето било само уште еден дел од систематскиот процес на дебугаризација, односно процесот на заживување на уништувањето на бугарското културно-историско наследство во Република Северна Македонија.

„Не случајно го поставив токму ова прашање на Советот во Љубљана. Ова е предворјето на вратата за интеграција на Република Северна Македонија во ЕУ – правата на Бугарите, недискриминација, како и нивна целосна интеграција во културниот, економскиот, општествениот и политичкиот живот на оваа земја. Исклучително е важна нашата поддршка за нивните барања да бидат признаени во Уставот на Република Северна Македонија и да бидат свечено прогласени од претседателот, владата и парламентот на Република Северна Македонија“, истакна Радев.

Тој додаде дека Бугарија категорично ќе реагира и повеќе нема да остави ниту еден таков случај да помине незабележано. Вистинскиот проблем, подвлече Радев, е дебугаризацијата и дискриминацијата на луѓето со бугарски идентитет во земјава.

- Реклама -