Радев: Уставни измени, да се искорени омразата и насилството и да се почитува и заштити бугарското културно и историско наследство

„Решението за проблемите во односите на Бугарија со Северна Македонија лежи во имплементацијата на Копенхашките критериуми за членство во ЕУ и во почитувањето на човековите права. Затоа, повеќе не треба да се зборува за ‘бугарско вето’, бидејќи има јасен заклучок на Европскиот совет од јули годинава и договорена преговарачка рамка“, изјавил бугарскиот претседател Румен Радев во интервју за грчката новинска агенција АНА-МПА.

„Тоа се европски, а не бугарски барања, кои јасно кажуваат дека Република Северна Македонија мора да го измени својот устав за да им даде можност на Бугарите да имаат уставна заштита и еднакви права со тоа што ќе бидат вклучени во уставот на еднаква основа со другите државотворни нации во земјата. Треба да се искорени јазикот на омразата и насилството врз Бугарите, и да се почитува и заштити бугарското културно и историско наследство“, рекол Радев.

Прочитајте и:  Филипче по средбата со Сиљановска Давкова: Искрено посакувам ова да биде еден политички дијалог кој ќе стане пракса

Тој изразил недеж дека државниот врв во Скопје „што побргу ќе ги прифати европските принципи и вредности за подобра иднина на граѓаните на Северна Македонија, како и за создавање подобра перспектива за сите на Балканот“.

Радев во интервјуто за АНА-МПА нагласил и дека Бугарија и Грција се стратешката оска на стабилност која, како што рекол, создава можности за одржлив развој и раст на целиот регион.

„Двете земји не се само соседи, туку пример како на Балканот може да се надминат проблемите од минатото и да се градат стратешки односи врз основа на европските принципи и вредности“, заклучил Радев.

Извор: МИА

- Реклама -